Експремиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев во „Само интервју“ на Канал 5 ТВ изјави дека пикот на кризата со пандемијата од коронавирусот се очекува, според нивните проекции, на крајот на април, но никој со сигурност не може да каже кога ќе заврши кризата.
– Се обидуваме во време на криза која е присутна секаде во светот да функционираме колку што е можно. Свесни сме за тешкотиите и се водиме по информациите од министерот за здравство, Комисијата за заразни болести и штаботна владата кои се најинформирани. Она што е важно дека крајот на април се очекува кулминацијата на кризата каде ќе има повеќе излечени и помалку заразени, за да почне да опаѓа трендот, тоа се очекувања на СЗО такви се и нашите проекции но никој не може да каже со сигурност кога ќе заврши кризата. Важно е да стегнеме заби и да го пребродиме овој период, вели лидерот на СДСМ.
Владата и институциите, според него се свесни колку е сериозна ситуацијата, и знае дека граѓаните се загрижени што ќе се случува.
– Граѓаните се плашат за своите работни места, многу компании се плашат да не пропаднат, сепак водиме грижа за тие што останале без работа, за тие од неформалната економија, односно можам да кажам, колку повеќе имаме солидарност и водиме грижа еден за друг и ги почитуваме институциите, препораките кои стигнуваат од стручните лица, толку полесно и побрзо ќе ја пребродиме кризата, изјави Заев.