Унгарија со пакети помош од 100 илјади заштитни маски и пет илјади заштитни скафандери

од Берта Китинска
294 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, утрово на скопскиот аеродром го пречека министерот за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Петар Сијарто кој во рамките на посетата донесе заштитна опрема за борба против КОВИД-19, како помош за нашата земја. Сијарто допатува во Скопје со специјален воен карго авион директно од Унгарија со пакети помош од 100 илјади заштитни маски и пет илјади заштитни скафандери.

-Северна Македонија и Унгарија имаат одлична билатерална соработка, за што сведочи и денешната поддршка, која во вакви застрашувачки времиња, кога секој се бори да обезбеди средства за сопствени потреби, покажаа навистина несебична солидарност од страна на Република Унгарија, изјави Османи, упатувајќи лична благодарност до министерот Петар Сијарто за севкупната поддршка на Република Унгарија за земјава.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, по пречекот, во просториите на аеродромот, Османи оствари и билатарелана работна средба, на која беа разменети информации и за натамошните чекори во однос на европската агенда на земјава по добивањето на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, процесот на формирањето на преговарачката рамка, како и подготовката на земјата за самиот почеток на преговорите.

-Дозволете да се заблагодарам за цврстата, и гласната поддршка за нашите европски интеграции, вклучувајќи ја тука и навистина успешната мисија на еврокомесарот за проширување Вархеји, кому најмногу може да му се препише заслугата, за експресното усогласување на новата методологија, и секако, исправањето на грешката од ноември минатата година преку одлуката на ЕУ за почеток на преговорите со земјава, истакна Османи, посочувајќи дека Република Северна Македонија, и покрај предизвикот во справувањето со КОВИД19, соодветно ќе се подготви и адаптира за почеток на преговорите.

Слични содржини