Во Стокхолм ситуацијата забрзано станува критична: Заради растот на бројот на жртви од корона, Шведска подготвува построги мерки

од Aleksandar Petrovski
207 прегледи

Шведската влада работи на нов закон кој ќе овозможи спроведување на „вонредни мерки“ за сузбивање на Ковид-19, заради стравувањата дека релативно благиот пристап кон проблемот ќе предизвика повисока стапка на смртност отколку во другите нордиски земји.

Данска и Норвешка воведоа строги мерки за изолација, затворија училишта и продавници кои не се од витално значење, додека Финска ја става во карантин главната урбана област околу Хелсинки. Наспроти тоа, Швеѓаните продолжуваат да одат на шопинг, ресторани и кај фризери, додека децата под 16 години одат на училиште.

Шведска во неделата пријави вкупно 401 смртен случај предизвикани од Ковид-19, потврдувајќи дека вистинскиот број поради доцнењата во известувањето веројатно ќе биде значително поголем. Ова е зголемување за осум проценти во текот на саботата и е повисоко отколку во сите три нордиски соседни земји заедно. Во Шведска бројот на жртви на милиони жители е 37, во Данска 28, Норвешка 12 и Финска 4,5.

По жестоките критики од опозициските партии, владата предводена од Социјалдемократите ги напушти плановите најавени претходно овој викенд за управување со декрет, т.е. без благослов на парламентот.

Според новиот закон, кој треба да биде предложен следниот викенд, владата ќе мора да се консултира со парламентот Риксдаг пред да воведе какви било итни мерки, како што се затворање на аеродромите, железничките и автобуските станици, продавниците и рестораните, дополнителни ограничувања на јавни собири или набавки на медицинска опрема, соопшти во неделата државната телевизија СВТ.
Андерс Тегнел, главен епидемиолог од Шведска, ја опиша стратегијата за борба против коронавирусот како обид за „забавување на ширењето на инфекцијата и дека здравствените установи не се преоптеретени“, и ја истакна важноста населението да стекне имунитет.

– Многу е важно да имаме политика што ќе важи на долг период, што значи дека ќе останеме дома ако сме болни. Заклучувањето на луѓето дома нема да функционира долгорочно. Порано или подоцна, луѓето ќе почнат да излегуваат надвор, без оглед на забраната – рече тој неодамна.

Тој додаде минатата недела дека кривата на раст на заразата во Шведска „станува малку пострмна“, но рече дека сè уште е „релативно рамна“.
Иако Шведска затвори средни училишта и забрани повеќе од 50 лица да се собираат, премиерот Стефан Лефвен се потпира на „чувството на граѓанска одговорност на швеѓаните, отколку да им нареди да ги избегнат непотребните патувања, да работат од дома и да не излегуваат од дома ако имаат над 70 години или ако се чувствуваат лошо “.

Овој пристап досега беше популарен кај гласачите, но стратегијата се најде на удар кај поедини здравствени стручњаци. Стеван Хансон, познат шведски инфектолог, рече дека ситуацијата сè уште не е изгубена, „но во Стокхолм работите забрзано стануваат критични“, обвинувајќи ја за „многу збркана и нејасна политика, без јасни цели освен обидот да се заштити населението над 70години и воведување блага мерки на социјално дистанцирање“.

Во отвореното писмо објавено во шведскиот весник Дагенс нихетер, 14 научници минатата недела прашуваа зошто Шведска не отстапи од својата политика, кога другите, како Велика Британија, го следеа примерот на остатокот од Европа и применија строги мерки.