Охридското основното јавно обвинителство поднесе предлог за казна на 43-годишен жител на Скопје со престојувалиште во Охрид заради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Обвинетиот на 13 март на граничниот премин Табановце допатувал од Австрија и веднаш заминал во неговиот стан во Охрид каде иако знаел дека е должен да се самоизолира, истиот ден се јавил во кабелски оператор и побарал во станот во кој престојувал да му монтираат кабелска телевизија и интернет.
Притоа остварил личен контакт со тројца вработени од кабелскиот оператор, кои ги повикал и ги примил во просториите, без да ги извести дека е во задолжителна самоизолација и без да носи заштитна маска и ракавици.
Јавното обвинителство предложи на обвинетиот да му биде изречена парична казна од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.