Скратување на полицискиот час, како и задолжително носење заштитна маска на лицето се дел од мерките кои почнуваат да се применуваат од денеска и ќе важат на целата територија на државата.
Премиерот Оливер Спасовски вчера на онлајн прес-конференција истакна дека мерките се донесени врз основа на анализите и препораките на Комисијата за заразни болести при Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство и со нив се зајакнуваат мерките на претпазливост, а паралелно се намалуваат рестритикнивте мерки кои се однесуваат на ограничувањето на движење на граѓаните, односно полицискиот час.
-При секое излегување надвор строго да се придржуваме до мерките за лична заштита, да носиме заштита за лицето, односно носот и устата – маска, марама или шал, да држиме физичка дистанца од два метра и да не се групираме затоа што само така го штитиме сопственото и јавното здравје, Физичката прекривка на носот и устата кај сите граѓани ќе овозможи прекин на преносот на вирусот, рече Спасовски.
За новите меки мерки министерот за здравство Венко Филипче на онлајн прес – конференцијата рече дека се, всушност, зајакнување на превентивните мерки, нагласувајќи дека е многу важно носењето прекривка на устата и носот дишните патишта за, како што рече, да се одржува стабилниот тренд и линераниот пораст на пациенти.
– Расте бројот на излекувани пациенти и тоа охрабрува и е дополнителна мотивација за лекарите во болниците и за матичните лекари. Излекувани се вкупно 272 досега, а од нив најнови се 48, од кои шест се лекувале во болница и 42 во домашни услови, соопшти Филипче.
Според новите мерки, заштитната опрема задолжително треба да се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз. На отворено заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра до другите лица во близина. На отворено заштитна опрема не се носи само ако се престојува во дворот, или терасата од сопствените домови, на велосипед, при спортување на отворено или во патничко возило со лица со кои живеете во заедница или домаќинства.
Со олеснување на забраната за движење, полицискиот час секој работен ден, од понеделник до петок во целата држава ќе почнува од 19:00 часот до 05:00 часот наутро. За лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05:00 часот наутро до 12:00 на пладне. Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот. За време на викендите. забраната за движење ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро. Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11:00 часот наутро, а младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.
Владата донесе и уредба со која во дуќаните истовремено може да пазаруваат најмногу по едно лице на површина од секои 20 метри квадратни, а во објектите со површина помала од 20 метри квадратни може да пазарува само едно лице. Банките, штедилниците и поштите со уредби се обврзани да обезбедат редарска служба при влезот, во внатрешноста и при излезот на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата. Во објектите нема да се дозволи влез на лица кои не носат заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот.
Со Уредба со законска сила донесена е и мерка за задолжителна самоизолација после тестирање се до добивање на резултатот од тестот.Во изминатите 24 часа потврдени се 28 нови случаи со КОВИД-19, а почина 51-годишен пациент од Скопје. Во земјава досега се регистрирани 1259 заболени, излекувани се 272, а починаа 56 лица.