Вучиќ благодарен на ЕУ за помошта и солидарноста

од Vladimir Zorba
133 прегледи

Србија е многу благодарна на Европската унија (ЕУ) за финансиската помош и секаков друг вид солидарност во време на пандемија од коронавирус, рече денеска претседателот Александар Вучиќ, повторувајќи дека патот на земјата кон Европа е недвосмислен.

По состанокот со сите амбасадори на земјите од ЕУ во Србија и претставници на Европската комисија, Вучиќ на прес-конференцијата рече дека состанокот бил многу отворен и долг и оти се дискутирале сите важни теми.

Тој рече дека ЕУ обезбедил 93 милиони евра на Србија за борба против вирусот, од кои 15 милиони за итни медицински потреби, а остатокот да помогне во одржувањето на економската стабилност.

„Србија цени секаква помош на ЕУ и ние сме многу благодарни на даночните обврзници на ЕУ и донесувачите на одлуки (за помошта). Тоа е голема работа и тоа секогаш ќе го почитуваме“, рече Вучиќ.

Тој рече дека состанокот недвосмислено потврдил дека Србија е на европски пат.

„Ние сакаме да ја регулираме нашата земја во согласност со европските правила и трендови… Единствено место каде што имаме различни погледи е за енергетските теми во Косово и Метохија, и некои други работи на Косово. Што се однесува до сè друго, имавме извонреден состанок“, рече Вучиќ.

Претседателот рече дека Србија и во иднина ќе продолжи да ги поздравува добрите зборови и критики од ЕУ, но и дека ќе го задржи и правото да размислува со своја глава и да има право да го искаже својот став и мислење за секое прашање.

Тој изјави дека Србија понудила помош на земјите членки на ЕУ во форма на заштитна опрема и респиратори, затоа што има одреден вишок на тој материјал и опрема и дека официјален Белград е во можност да го достави во рок од 12 часа на земјата што ќе побара.

Според него, соработката на Србија со ЕУ е многу важна затоа што вкупната трговија меѓу двете страни е 26 милијарди евра годишно, додека пред десет години таа сума беше 10 милијарди.

„Ние сме зависни од пазарот на ЕУ и затоа сме среќни кога се прават амбициозни и добри планови за инвестирање во економијата на ЕУ“, рече Вучиќ, повторувајќи дека Србија ќе продолжи да прави пакети за субвенционирање на потенцијалните странски инвеститори од Унијата кон Србија, бидејќи продолжувањето на приливот на странски инвестиции е од големо значење.