Двајцата насилници од Штип ја признаа вината

од Берта Китинска
371 прегледи

Двете момчиња кои навредуваа и тепаа 21 годишна девојка во влез на станбена зграда, а насилството го снимале на мобилниот телефон денеска пред судот изразиле каење и вина за стореното дело.

Нивниот бранител, Валентин Зафиров по денешното судско рочиште во штипскиот Основен суд истакна дека имале фер судење, а очекува и фер пресуда. Неговите клиенти се спремни и да ја обештетат оштетената, а ветиле и во иднина да не прават вакви или слични кривични дела.

-Се случило во момент на неразбирање. Свесни се за последиците. Тоа е тоа, праќаат јасна порака дека во иднина ниту тие ќе прават такво нешто, ниту би посакале било кој друг да го прави тоа, вели Зафиров.

Тој се надева дека притисокот од јавноста за овој случај нема да влијае, а судијата одлуката ќе ја донесе во рамките на она што се случувало во судницата.

Бранителката пак на жртвата, Билјана Андонова по денешното судско рочиште рече дека очекувано било обвинетите да признаат вина, а во вакви услови согласно Кризвичниот законик не се изведуваат докази. Најави дека на 30 април е веќе и закажано рочиште за објавување на пресудата. Очекува строга казна без оглед на тоа што обвинетите ја признале вината.

-Согласно Конвенцијата на Советот на Европа или многу добрата позната на јавност истата Истанбулска конвенција се предвидени отежнителни околности во вакви случаи, посебно ако се има во предвид дека цела јавност беше вклучена во овој спор и се вклучи во одбрана на жртвата. Станува збор за жена, односно девојка, така да очекуваме висока казна, без оглед на олеснителната околност што обвинетите признаа вина, вели Андонова.

Прашана во каква состојба е девојката, истакна дека не сака дополнително да ја виктамизира жртвата, но е во лоша состојба, а од страна на НВО „ЕХО“ од Штип и е дадена целосната поддршка.

Настанов се случил во месец јануари, но видео снимката беше објавена на социјалните мрежи на 2 април, по што полицијата веднаш ги лоцираше момчињата, а судот во два наврати на барање на обвинителот им определи мерка притвор. Судијата пресудата за сторителите на кривичното дело „насилство“ ќе ја објави во четврток, а казната затвор за ваквите дела се движи од шест месеци до пет години.

Слични содржини