Повозрасна жена од гостиварското село Горна Бањица починала синоќа како последица од компликации предизвикани од корона вирусот. Таа и нејзиниот супруг беа последните два случаи со позитивен тест во општина Гостивар. Жената подолго време боледувала од карцином, а пред два дена била хоспитализирана заради влошена состојба. Засега официјално, во општина Гостивар има двајца закрепнати од болеста Ковид-19.
Утрово во информацијата од здравствените власти испратена до градоначалникот на општината наведено е дека нема новорегистрирани, а до денеска, активни се три случаи. Меѓу нив се сопругот и синот на починатата. Во гостиварскиот центар за јавно здравје направени се вкупно 212 тестови.
Деновиве се очекува уште еден контролен тест на жител од селото Чајле кој пред две недели беше позитивен, а на првата контрола имал негативен резултат. Тој изминативе две недели се лекуваше во домашни услови.
Во соседната општина Врапчиште досега регистрирани се четири случаи, а едно лице од селото Градец почина од компликациите предизвикано од вирусот.
На поширокото гостиварското подрачје од почетокот на пандемијата има 17 позитивни случаи, а за осум од нив се очекува да се потврди дека се закрепнати.