Владата од почетокот на пандемијата со ковид-19 активно работи на прибирање средства со кои ќе биде амортизиран ударот врз приходната страна на Буџетот и е посветена на создавање решенија за брзо закрепување од економските последици предизвикани од коронавирусот. Сетот на првите и вторите креирани мерки во суштина е насочен кон поддршка на приватната и јавната потрошувачка и раст на реалниот сектор, изјави денеска советникот на премиерот Фатмир Битиќи.
Тоа, како што рече, го потврди и Светска банка во најновиот Редовен економски извештај за земјите од Западен Балкан во кој се нотира дека нашата држава најдобро се справува со кризата предизвикана од коронавирусот во земјите од регионот.
– Навремената првична реакција на Владата беше многу важна за ублажување на ударот врз здравствениот систем со цел подготвено да се одговори на предизвикот кој со себе го донесе пандемијата. При креирањето на владините политики првенствено се водеше грижа за јавното здравство како врвен приоритет, но се презедоа и чекори за намалување на економските последици и за побезболно враќање во нормалниот ритам на животот – рече Битиќи.
Тој нагласи дека Светската банка во извештајот прогнозира дека земјите од нашиот регион ќе се соочат со рецесија и оти регионалниот раст на Западен Балкан се предвидува да биде меѓу минус три и минус 5,6 процентни поени.
„Според најновиот извештај на Светска банка, се проценува дека Северна Македонија најдобро се справува со економскиот удар од сите земји во регионот, а токму поради навремените чекори на Владата, земјава ќе претрпи најмала штета во регионот и се проценува дека нашата економија ќе има пад од 1,4 до максимум 3,2 процентни поени. Споредено, Црна Гора ќе има пад од 5,6 проценти, што во случај на продолжување на пандемијата до крајот на летото би биле 8,9 проценти. Проценките за Србија се за негативна стапка од 2,5, односно 5,3. Албанија ја очекува негативна стапка од 5 односно 6,9 проценти, а Косово го очекува пад на БДП од 4,5, но за него е можен пад и пад до 11,3 проценти“,потенцираше Битиќи.