Генералниот секретар на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми преку објава на својот ФБ профил, реагираше на денешните настани што се случиле на два фудбалски натпревари од Првата и втората македонска лига. Адеми тврди дека граѓани од албанска националност биле „навредувани и третирани како граѓани од втор ред“.
„Два сериозни инциденти во нашиот фудбал не се случајности, туку се директна последица на неказнивоста и тивкото охрабрување дадено на оние што ги кршат правилата и поттикнуваат омраза.
Кога на натпревар помеѓу „Вардар“ и „Башкими“ се толерира отворен говор на омраза, па дури и се користат специјални единици против претставници на клубот „Бакшими“, додека наптреварот продолжува како ништо да не се случило, тогаш пораката е јасна: стандардите не важат подеднакво за сите.
Кога на друг натпревар, помеѓу „Шкендија Арачиново“ и „Преспа“, се бара отстранување на албанското знаме со оправдување дека „има наредба од горе“, иако законот ја регулира употребата на симболи, станува јасно дека проблемот не е спортски, туку политички.
Овие отстапувања се повторуваат затоа што никој не е повикан на одговорност. Напротив, оние што дејствуваат во овој дух не само што не се санкционирани, туку често се унапредуваат и привилегираат, сè додека се во согласност со оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нивните вазали, која негува клима каде што Албанците се третираат како граѓани од втор ред.
Ова веќе не е прашање на спортско ривалство, туку прашање на достоинство и еднаквост. Доколку фудбалските институции не се дистанцираат од политичките диктати и не постават еднакви стандарди за сите, тогаш вербата во фер натпреварот ќе биде заменета со убедувањето дека резултатот е одреден надвор од теренот“, стои во објавата на Адеми на социјалните мрежи.