Пред Уставниот суд попладнево се собраа активисти на опозициската Демократска унија за интеграција, кои, како што најави партискиот функционер Арбер Адеми, ќе останат таму до 11 декември кога треба да се одржи седница за Законот за употреба на јазиците. Адеми рече дека со иницијативата „Стража на јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.
– Собрани сме тука за да го подигнеме нашиот глас за прашања што ги засега темелите на еднаквоста на нашата мултиетничка држава. Ова не е обичен ден, ниту обичен повик. Денес повеќе од кога било е моментот да останеме обединети за да го заштитиме тоа што сме го добиле со многу труд и жртвување. На 11 декември Уставниот суд има закажано седница за разгледување на уставноста на Законот за јазици кој не е само правен акт туку е симбол на Охридскиот договор и во него е втемелена јазичната еднаквост, изјави Адеми.
Според него, укинувањето на Законот ќе значи „уривање на еден од клучните столбови на Охридскиот договор, а владеачката коалиција без легимитет наместо да се работи за заедничка иднина, разденува и напаѓа“.
– Ова не е прашање на обичен закон, туку е прашање за нашите права како рамноправни граѓани, нашиот идентитет и иднина како општество, нашата иднина. Охридскиот мировен договор е нашата гаранција за праведно и еднакво општество. Од денес ќе останеме тука пред Уставниот суд ден и ноќ, на мирен начин да ти заштитиме нашите права и да осигураме дека нема ниту една одлука да го уништи она што го изградивме со жртвување. Ова не е иницијатива на една политичка партија, нагласи Адеми.
Тој ги повика граѓаните од сите етнички заедници да се приклучат во иницијативата.
– Ги повикуваме сите Македонци, Албанци, Турци и сите останати заедници, сите оние кои веруваат во правда и правичност, да ни се приклучат кон оваа иницијатива. Ова не е момент за пасивност, туку момент за заедничко делување. Сега е моментот да го заштитиме јазикот, иднината и нашите заеднички еднакви права, наведе Адеми.
Уставниот суд, рече, има станато „параполитичка институција“ која реализира програма на владеачкото мнозинство, кое пак, како што рече, на софистициран начин прави обид да го промени карактерот на државата, од мултиетничка да стане моноетничка држава.
– Сѐ што ветила ВМРО-ДПМНЕ досега се реализира преку Уставниот суд како што беше укинувањето за изразување на етничка припадност што се случи на почетокот од октомври. На софистициран начин се прави обид да се смени карактерот на државата од мултиетнички во моноетнички карактер. Сега сме пред друга одлука на Уставниот суд, а и со првата и со втората одлука која што се најавува од премиерот и останатите претставници од владеачкото мнозинство, ние сме убедени дека ќе биде неуставна, а со такви одлуки се врши упад врз уставниот поредок врз земјата, врз Уставот и Охридскиот рамковен договор, нагласи Адеми.
Прашан дали „стражата на јазикот“ значи подготовка за дестабилизација на државата, имајќи ги во предвид предупредувањата кои деновиве преку соопштенија ги испраќа ДУИ до европската заедница, Адеми рече „ние воопшто не сме за дестабилизација на државата, ние сме тука на мировна стража“.
– Ние воопшто не сме за дестабилизација на државата, ние сме тука на мировен собир, мировна стража за да се подигне колективната свест кај ова владино мнозинство дека со заробени институции преку наредби и најави за одлуки на Уставен суд, замислете, се најавува повеќе од месец дена и јасно е кој е планот на владеачкото мнозинство преку Уставниот суд, кој прераснува во параполитичка институција која има за цел целосно реализирање на програмата на Владата, подвлече Адеми.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција соопшти дека со коалицискиот партнер Вреди разговараат за Законот за употреба на јазиците, кој в среда, 11 декември, е на дневен ред на разгледување од Уставниот суд, но порача дека никој не треба да интервенира кај Судот за оваа „тековна постапка“.
Рече дека „во среда нема ништо да се случи“, затоа што пред „какво било акција“ на Уставниот суд претходат подготвителни седници.
Според него, целта на ДУИ е поделба по етничка основа и дека такви обиди ќе има и во иднина од таа политичка партија.
– Затоа што принципот „како до сега“ заврши на 8 мај и тој принцип е поразен. Но, се уште покажува знаци на живот и гледаме дека единствената тема со која Демократската унија за интеграција е присутна во јавност е да направат одредена поделба по етничка основа, ги третираат само етничките прашања, затоа што на друг начин не можат да привлечат внимание, ниту да наметнат тема, ниту да привлечат луѓе коишто ќе ги поддржуваат. Бидејќи се обидоа со „зелената агенда“, видовте како завршија, и се вратија сега во опозиција на единствената тема којашто за нив можеби носи некаков резултат, рече Мицкоски на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.