Адеми: Нудиме учење од дома, каде што секој наставник е должен да држи двонасочна комуникација

од Берта Китинска
134 прегледи

Предизвиците во реализирањето на онлајн-наставата се надминуваат со секоја донесена мерка, а предизвици има и кога таа се реализира во нормални услови. Најважно е да се обезбеди двонасочна комуникација меѓу наставникот и ученикот, а информациите за тоа се охрабрувачи, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми во гостување во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Тој потсети на преземените мерки за да се продолжи воспитно-образовниот процес во училиштата откако на 11 март беше прекината класичната настава – најпрво со „ТВ Училницата“ на МРТ и препорачаните бесплатни апликации и платформи за учење од дома, националната дигитална платформа Едуино и најновата мерка – решение на проблемот за децата од социјално загрозени семејства на кои со донацијата од „Телеком“ им е обезбеден бесплатен мобилен интернет за да пристапат на платформите за учење.

– Нудиме учење од дома, каде што секој наставник е должен да држи двонасочна комуникација со ученикот, па на крај може и да го оценува. Нудиме и национална платформа за далечинско учење – снимени се видеолекции од нашите активни наставници…На 33 000 деца кои имаат статус на ученик, но кои потекнуваат од социјално загрозени семејства одлучивме да им доделиме картички со 10 гигабајти интернет секој месец, бесплатно, изјави министерот.

Адеми повтори и дека за онлајн-наставата има законска основа со донесените уредби од Владата кои имаат сила на закон и дека постепено ги решаваат сите проблеми за кои биле критикувани, како немањето законска основа, немање пристап до интернет за сите деца итн.

– Го обезбедивме законскиот основ со донесување уредби. Потоа бевме критикувани дека нема интернет. И тоа го обезбедивме. Потполно сме свесни дека има предизвици, но кога се сака, се може, рече Адеми, додавајќи и во оваа прогода дека за следење настава од далечина не се потребни скапи и софистицирани ИТ-уреди, туку е најважно да се одржи двонасочната комуникација помеѓу наставникот и ученикот.

Слични содржини