Адеми за новите полициски униформи: ДУИ им остави закон за албанскиот јазик, само треба да го зачуваат

Адеми побара од Владата да го зачува албанскиот јазик

од Nikola Popovski
46 прегледи Фото: Фејсбук

Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми излезе со критики кон владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во врска со најавените нови полициски униформи. Откако вчера се виде дека униформите ќе бидат само на македонски јазик, Адеми вели дека власта се обидува да наметне еднојазичност на нелегален начин.

Тој побара Владата да го зачува албанскиот јазик.

„Законот за службена употреба на албанскиот јазик е јасен, не само на полициските ознаки, туку зборува целосно за двојазичност, во секоја буква од полициските униформи. Оваа влада дискриминаторски, нелегално наметнува еднојазичност. ДУИ им остави закон за албанскиот јазик, подзаконски акти, јасна законска инфраструктура. Знам дека немаат избор да направат повеќе, но барем да го зачуваат она што е постигнато“, рече Адеми во изјава.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вели дека при снабдувањето со нови униформи за полицијата, тие постапуваат според законот. Во изјава за медиумите, во врска со критиките за имплементацијата на албанскиот јазик на униформите, Тошковски рече дека ДУИ имала можност да го спроведе правилникот додека бил на сила.

„Овој закон е донесен од 2018 година. ДУИ имаа можност во минатото да ја покаже неговата имплементација. Чекорите што се преземаат од наша страна се дека целосно постапуваме според законот и според прописите што важат. Ќе кажам повторно, овој правилник е донесен во време кога ДУИ и СДСМ беа на власт во Македонија“, рече вчера Тошковски, меѓу другото.