„Опасен преседан во обидот за промена на Изборниот законик“, вака ja започнува критиката потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми за внесувањето на измените на Изборниот законик во собраниска процедура. Според него, промените, традиционално и институционално, отсекогаш биле предлагани од Министерството за правда или од пратениците на четирите најголеми парламентарни партии, од владата и опозицијата, во духот на консензус и инклузивност.
„Сега, за прв пат, е поставен опасен преседан: промените се предложени еднострано, само од најголемите македонски партии и координаторот на Влен без никаква консултација со албанските опозициски партии, без вклучување на граѓанското општество и, уште позагрижувачки, без дури и да се земат предвид препораките на ОБСЕ/ОДИХР“, порача Адеми.
Тој обвинува дека овие предложени измени биле изготвени во седиштето на најголемата владеачка партија.
„Уште полошо, овие измени беа изготвени во канцелариите на ВМРО-ДПМНЕ и презентирани како „законски предлог“, додека организациите и иницијативите кои со години бараа пофер правила за претставување беа целосно игнорирани.
Олигархијата и македонските партии ја туркаат својата агенда напред, потпомогнати од некои „чесни Албанци“ во стилот на Милошевиќ, сервилни и послушни на владата, но лишени од каква било одговорност кон интересите на албанските граѓани.
П.С. Денес промените на олигархијата не поминаа, гласањето беше одложено, бидејќи немаат двојно мнозинство (Бадентер)“, истакна Адеми.
Предлог-измените на Изборниот законик со кој се пополнува празнината, по одлуката на Уставниот суд за укинување на одредбите од законот за бројот на потписите за независните кандидати на агендата, на собраниската седница. Општиот претрес по законот е завршен, а за гласањето ќе се определи дополнителен термин.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од суштинска важност е да се донесат измените за да бидат вклучени независните и граѓанските организации во изборниот процес. За предлог-законот поддршка дадоа и пратеничките групи на СДСМ, Влен и ЗНАМ.