Ракометарите на АЕК од Атина одбија да излезат на теренот во салата „Борис Трајковски“ за реваншот од финалето против Алкалоид во Купот на ЕХФ. Сè беше подготвено за почетокот на финалниот натпревар во Скопје, меѓутоа, пред да излезат на теренот, грчките ракометари се предомислија. По неколку минути престој во тунелот под трибините, играчите на АЕК целосно се повлекоа во соблекувалната.
Поради ова, официјалниот спикер на мечот објави дека почетокот на натпреварот е одложен.
Како што беше соопштено, грчките навивачи биле незадоволни бидејќи не добиле повеќе билети од дозволените 200 седишта, па упатиле закани кон раководството на клубот и на грчките ракометари им порачале да не се враќаат во Атина ако истрчаат на теренот во СЦ „Борис Трајковски“.
Наводно на македонско-грчката граница биле пуштени само 200 навивачи, а исто толку биле вратени назад.
Спортскиот портал „Еноси“, што е специјализиран за вести поврзани со екипите на АЕК во сите спортови, нешто помалку од еден час пред натпреварот, објави дека неколку автобуси со навивачи на АЕК се задржани на граничниот премин и не им е дозволен влез и дека „раководството на АЕК, на состанок со ЕХФ, јасно стави до знаење дека тимот нема да излезе на терен, ако на навивачите не им биде дозволено да ја преминат границата.
ЕХФ во своето кусо соопштение порача: „Финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК во Скопје е откажано поради безбедносни причини“.
Конечната одлука дали Алкалоид службено ќе го добие натпреварот или ќе биде доделен нов термин за реваншот ќе биде донесена во вторник (27 мај).