АФЕРА „БОТОВИ“ ЈА ТРЕСЕ СРБИЈА: На интернет се појави листа од 14.310 профили на владејачката СНС

од Vladimir Zorba

Афера со ботови ја тресе Србија. Според белградската редакција на телевизијата N1, на интернет се појави листа од 14.310 профили на владејачката Српска напредна партија на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Твитер и Тик Ток, на кои ботови на владејачката партија испраќаат свои пораки и коментари во кои го идеализираат претседателот Александар Вучиќ и неговите политики или пак ги навредуваат и напаѓаат сите оние кои не мислат така, а на прво место српската опозиција и демонстрантите кои веќе неколку недели „шетаат“ и бараат заминување на Вучиќ од политичката сцена.

Скандалозната листа содржи и конкретни имиња на ботови, а 3.162 од нив биле „откриени“ кои „професионално“ или факултативно, покрај нивната постојана работа или функција, работат за СНС. Станува збор за бројни вработени во градските администрации, министерства и други државни или локални институции, како и директори на училишта, професори на факултети и други кои зависат од државниот буџет. Српските медиуми јавуваат дека некои добиваат хонорари за оваа „мала услуга“ за Вучиќ и владејачката партија за да им помогнат да ја надминат инфлацијата и тешката социјална состојба.

Сметките на ботовите се поделени во четири категории. Тоа се класични ботови чија должност е да пишуваат пофално и афирмативно за СНС и политиката на Вучиќ, потоа т.н. суперспецијалисти, најчесто вработени во државни и јавни служби кои реагираат во вонредни ситуации и се поливалентни – од покажување љубов кон голем лидер до мразење на непријателот. Потоа е подгрупата „хејтери“ задолжени за навреди, омаловажување, „излагање“ и исмевање на оние кои имаат спротивно мислење за мисијата и големината на Вучиќ, а во последната група „фанови“ задолжени само за фалење и охрабрување на култот на Александар Вучиќ.

„Има различни категории на тие луѓе. Таканаречените хејтери пишуваа против опозицијата, дури и против Србија, за да ги испровоцираат другите на социјалните мрежи. Има и такви кои споделуваат разни сметки на СНС. Имате и највисоки координатори од сите овие, кои дури и беа под име и презиме“, изјави експертот за медиуми и комуникации Игор Авжнер за N1.

Откако беа откриени, некои сметки беа избришани или затворени. Извесен Марко Јовановиќ призна дека е „бот“, како и негов имењак, а и двајцата биле „алтер его“ на поранешниот претставник на СНС во Собранието, Јанко Лангура.

Според N1, градови со најмногу СНС ботови се Крушевац со 87 луѓе, Шабац со 70 и Лесковац, каде се наведени 63 лица кои ја извршуваат оваа задача, а меѓу нив има претставници во Градскиот совет и вработени во администрацијата и градските претпријатија.

Пред неколку години, од Твитер беа избришани околу 8.500 пофални сметки на СНС и Вучиќ, а од тие сметки беа објавени повеќе од 40 милиони твитови, според N1.

Да потсетиме, пред неколку години, денешниот градоначалник на Белград, Александар Шапиќ, призна дека користи ботови, но се пожали дека „нарачките за пофалба“ не стигнуваат до него.

Слични содржини