Аферата „Двојник“ е една од поголемите криминални афери во земјава која се случила во последниве години и отвори многу прашања за тоа како одредени криминални структури имаат директно учество во државните институции.
За тоа дали, во овој случај на Македонија ќе се гледа како заштитник на организираниот криминал и кои промени треба да следат за да не се повтори истото сценарио, „Локално“ поразговара со двајцата поранешни разузнавачи Павле Трајанов и Александар Диневски.
Според нив оваа мега афера во иднина може на државата и граѓаните да им донесе серија негативни последици.
-Реализацијата на акцијата „Двојник“ е една од поголемите криминални афери во земјата која се случи во последниве години. Спецификата на оваа сензитивна криминална афера е што истата се карактеризира со масовност и што во нејзиното настанување најдиректно се инволвирани службени лица од Минситерството за внатрешни работи. Проблемот е дотолку поголем што вистинските димензии се уште не се целосно констатирани и моите сомневања е дека бројот на вака издадени фалсификувани патни исправи е многукратно поголем од објавениот. Впрочем, бројката од само еден наш граѓанин кој добил ваков пасош од вкупно 215 е повеќе од сомнителен, вели Диневски.
Тој смета дека сериозно е нарушен угледот на државата и нејзините институции во земјата и странство.
– Амбасадорката на САД во Македонија Кејт Брнс при неодамнешната посета на МВР посебно ја нагласи „порозноста на институциите“ како една од најголемите слабости во нивното функционирање. Со полно право затоа што вакви криминални појави со директно учество на државните институции се реткост и во понеорганизирани држави од нашата. Освен тоа, ние се уште не знаеме за кои и какви цели се искористени веќе издадените патни исправи од страна на нивните сегашни носители. До сега се регистрирани неколку случаеви каде странски лица инволвирани во криминал имале фалсификувана патна исправа. Не е исклучена можноста носители на вакви пасоши да се и лица кои се членови на терористички организации или пак дел од меѓународни организирани криминални групи што за нас би претставувало голем проблем и основ за компромитација на меѓународно ниво како земја членка на НАТО и кандидат за член на ЕУ, објаснува Диневски.
Лидерот на ДС, Трајанов смета дека оваа афера ќе предизивика негативни последици кои ќе имаат влијание врз евроинтеграциските процеси.
-Да се издаваат пасоши со позајмен идентитет од страна на МВР е мега афера која ќе предизвика тектонски пореметувања во Македонија. Нанесена е огромна штета на меѓународниот углед, државите членки на НАТО ќе имаат резерви при споделување на класифицирани информации, можно е да има негативно влијание врз евроинтеграциските процеси или да добиеме дополнителни обврски во врска со прочистување на службите за безбедност (департизација и сл.), губење на довербата од странските разузнувачки служби со кои соработуваме итн. Но не треба да очекуваме тоа јавно да ни го соопштат, туку тоа ќе го почуствуваме во наредниот период, вели Трајанов кој додава дека е неопходна продлабочено оперативно истражување во кое ќе се вклучени и АНБ И АР, при што никој не ќe смее да биде амнестиран од кривична или друг вид на одговорност.
Системот за издавање на пасоши е лошо поставен
Досегашниот тек на постапката покажува дека кривичната одговорност засега е насочена кон десетината службеници на МВР и посредникот, вели Диневски кој додава дека нема индиции дека во оваа криминална шема се инволвирани поединци од највисокото раководство на МВР.
Но, како што објаснува, одредени околности укажуваат на инволвираност и на други раководни лица од пониските ешалони чие кривично процесуирање може да се очекува наскоро.
-Исто така, претпоставувам дека покрај конкретната истрага за тоа кој учествувал во фалсификувањето на патните исправи, паралелно се водела и друга истрага за носителите на овие пасоши, нивната идентификација, лоцирање и откривање на евентуални нивни криминални активности како носители на вакви нелегални документи. Веројатно е дека наскоро истрагата ќе се прошири и во други правци и ќе се прошири листата на осомничени за оваа криминална активност, објаснува Диневски.
Трајанов смета дека во оваа ситуација изостанала контролата нa повисоките сектори.
-Се покажа дека системот за издавање на пасоши е лошо поставен, нема системско и автоматско вкрстување и проверка на базите на податоци, рефернтите за прием на барањата и контролорите при издавање на пасоши можат да издадат пасоши со замена на идентитетот, фотографијата и сл. Изостанала контролата од повисоките сектори, затаиле оперативните служби, посебно АНБ И АР, кои морале да дојдат до информаци дека во Македонија се издаваат пасоши на нарко-босови, на лица кои можат да ја загрозат безбедноста во Македонија и државата, како и на познати криминалци од Балканот барани од Интерпол, вели тој.
На прашањето дали по овој случај на Македонија се гледа како заштитник на организираниот криминал, нашите соговрници велат дека иако е тешко да се даде таква оценка, сепак оваа афера по многу елементи упатува токму на тоа.
-Претешка е една таква оценка дека Македонија е заштитник на организираниот криминал иако оваа афера по многу елементи упатува токму на тоа. Имено, во неколку наврати во различни држави на светот се објавени информации за апсење или криминални активности на лица со меѓународно криминално минато кои имале македонска патна исправа (Украина, Италија, Албанија, Турција). Не се исклучува можноста овој тренд да продолжи со оглед на тоа што дури 214 странски граѓани имаат ваква македонска патна исправа. Кои се тие лица, каде се денес, што прават или што планираат да направат во иднина??? Можеме само да замислиме што не очекува како држава во наредниот период во поглед на нашиот углед во светот, вели Диенвски.
Тој смета дека најсреќни би биле како држава, ако тие што успеале да добијат пасоши на овој незаконски начин тоа да го сториле од чисто економски или евентуално лични мотиви за да заминат во странство.
За Трајанов истрагата ќе открие кои познати бизнис-посредници и манипуланти биле вмешани.
-Македонија не е и не може да биде заштитник на познати криминалци. Дали за некои познати бизнис-посредници и манипуланти била вмешана и политиката, тоа ќе се разоткрие низ истрагата или сега или по промената на власта, вели тој.
Врв на хипокризија е опозицијата
Диневски смета дека постојат слабости на системот кои овозможиле појава на ваква афера, но дека врвот на оваа хипокризија е ВМРО ДПМНЕ, кога таа како партија на власт го воведе и институционализира издавањето на лажни официјални документи за фалсификување на избирачката волја на граѓаните во Македонија во неколку изборни циклуси.
-За жал, новата власт која дојде по падот на Груевски не смогна сили докрај да го расчисти овој проблем и покрене постапка спрема сите лица кои беа инволвирани во овие криминални активности. За едно такво темелно расчистување постоеше и додатен повод или мотив што тогашниот фалсификат е спроведуван со директна наредба на министерката Гордана Јанкуловска и што не се утврди целосната бројка на вака издадените документи. Во дел од кривичните постапки кои се водат во судот (случајот „Титаник“) има осомничени и обвинети лица токму од ВМРО-ДПМНЕ за ваков криминал, но постапката очигледно е парцијална и насочена само на оној сегмент кој се однесува на изборните активности што е недоволно, објаснува Диневски кој истакна дека доколку се покренела една длабинска истрага, до оваа сегашна афера немало да дојде.
Политичката дебата за криминалот, смета Трајанов, е непродуктивна и тоа е обид да се релативизира одговорноста.
-Факт е дека Македонија е високо кримнализирана партизирана држава. Криминалот и партизацијата разорно делуваат и ја „јадат“ државата. За политичката одговорност ќе судат граѓаните на изборите, но ние зборуваме за одговорност на вработени во МВР и другите служби за безбедност, како и за можна политичка одговорност на носителите на високите политички и државни функции, вели Трајанов.
Одговорност ќе има, никој нема да може да се сокрие
Според моите сознанија нема индикации или докази дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директно или индиректно, е инволвиран или пак се обидел да ја сокрие оваа афера. Напротив, сметам дека нема основ за негова одговорност ниту од објективни причини бидејки токму МВР ја реализира истата, вели поранешниот разузнавач Диневски, кој посочува дека оддолговлекувањето да се пресече со оваа опасна криминална активност на групата службеници на МВР очигледно се должи на други фактори и околности.
-Согласно новиот ЗКП динамиката, опсегот и интензитетот на предистражната и истражната постапка се исклучиво во надлежност на Обвинителството, а МВР или другите органи постапуваат исклучиво по негови наредби. Во конкретниот случај, предметот најпрвин бил во ЈО за организиран криминал, потоа во Основното јавно обвинителство па пак се вратил во ЈО за организиран криминал што веројатно придонесе за губење на време, вели Диневски.
Смета дека во овој момент нема основ за било каква одговорност на МВР или министерот.
-За состојбата на Спасовски ќе се отвори расправа во понеделник во Собранието, при што ќе видиме како ќе заврши истата и што ќе кажат пратениците. Инаку оставка е високо морален личен чин. Но, отчетноста и одговорноста пред пратеници е сосема различна и таа мора да почива на реални факти, а не на политички желби, вели пак лидерот на Демократскиот сојуз.
Обелоденувањето на аферата темел за објективна анализа
Како земја членка на НАТО алијансата, поаѓајки од принципите на колективната безбедност и солидарност ние сме одговорни и за безбедноста на алијансата и нејзините членки, која со вакви сериозни пропусти, директно или индиректно, може да биде загрозена, смета Диневски.
Прво што треба да се превземе, според него, е да се детектираат вистинските причини за пројавените слабости во досегашното функционирање.
-Прв и основен услов за тоа е целосно напуштање и елиминирање на партизацијата на државните органи која, за наша жал, стана „заштитен знак“ во водењето на кадровската политика сите досегашни власти и наместо тоа целосна супремација на професионализмот, образованието и стручноста на ангажираните кадри, вели тој.
„Неопходна е длабока и суштинска реформа во МВР“, смета Трајанов во однос на тоа што би требало да се превземе за да не се повтори истото сценарио.
-Потребна е целосна департизација и забрана на членување на припадници на МВР и безбедннисните служби во политиките партии, безбдносни проверки на сите вработени во МВР, на интегритетот, анализа на досегашната работа, проверување на имотната состојба итн. Системските реформи во секторите задолжително и за единствениот матичен број, издавање на државјснства, пасоши, возачки и сообраќајни дозволи и сл, како можно вкрстување на базите на податоци, контролни механизми итн. Дигитализацијата бара и контролни системи, преку кои ќе се спречува да се злоупотребува истата, вели тој.
Ппратеникот Трајанов смета дека во земјава има стручни и чесни кадри на кои треба да им се даде шанса.
– Не се сите корумпирани, голем дел од вработените во МВР се принципиелни, со интегритет и ако правилно се охрабрат ќе имаат резултати. Најмал прoблем е да се среди проблемот со пасошите, работите се посложени. Затоа треба и анализа на поставениста на МВР, но и метла за кадровско прочистување, посочува тој.
Б.М.