АФП пишува за масовното иселување од Балканот: Македонија е погодена од демографска бомба

од Nikola Popovski
448 прегледи

Со напуштени дуќани и празни улици, има малку знаци на живот во македонскиот град Валандово, од кој голем број млади луѓе заминуваат во потрага по подобри можности во странство.

Како и поголемиот дел од сиромашната Југоисточна Европа, Македонија е погодена од демографска бомба поради стареењето на населението, помалку раѓања и масовната емиграција, пишува новинската агенција Франс прес (АФП).

Во текстот пишува дека Македонија изгубила десет проценти од населението во последните 20 години.

-Денеска во странство живеат околу 600.000 Македонци, покажуваат податоците на Владата и Светска банка. Слабиот економски раст и недостатокот на инвестиции го забавуваат напредокот на земјата, која има само 1,8 милиони жители за 30 години од нејзината независност, пишува АФП.

-Ако сте имале 2,4 милиони жители, а повеќе од четвртина немаат, тогаш навистина треба сериозно да се грижите што се случува, изјавил директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Селата и градовите како Валандово, лоцирани на 146 километри од Скопје, нудат малку работни места, па затоа оние со амбиции мора да бараат кариери на друго место.

„Системски се уништува духот на младите“, изјави Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово, објави АФП.

„Ентузијазмот за борба и останување во земјата е изгубен“.

Во Валандово повеќе од 90 отсто од приходите доаѓаат од земјоделството, а слична ситуација е и низ Северна Македонија.

„Пет мои пријатели од клас од 20 луѓе веќе се иселиле со своите семејства“, вели 24-годишниот Бојан Николов, член на младинскиот совет Валандово, во разговор за АФП.

Егзодус

Првите резултати од последниот попис во Македонија, спроведен во септември минатата година, покажуваат дека земјата изгубила повеќе од 200.000 жители од 2002 година.

-Од распадот на Југославија и независноста, многумина во Македонија се надеваа на членство во Европската унија и придобивките што ги носи тоа.

Но, патот на Македонија кон членство постојано беше блокиран. Прво, Грција блокираше, па Скопје се согласи да ја преименува државата, сега Бугарија, која го негира постоењето на македонскиот јазик. Многумина затоа почнуваат да се сомневаат во европската перспектива, а оние што остануваат во земјава остануваат со просечна месечна плата од 470 евра, пишува АФП.

Слична е ситуацијата на целиот Балкан.

Околу 1,7 милиони луѓе ја напуштиле Албанија во изминатите три децении, што претставува околу 37 отсто од населението, покажуваат владините бројки.

Стотици илјади луѓе ја напуштиле и Србија. Се проценува дека до 10.000 лекари ја напуштиле земјата во последните 20 години.

„Сите земји од Западен Балкан се погодени од емиграцијата во различен степен“, изјавил Илир Гедеши, професор по економија во Тирана.

„Главните причини се економски, но сè повеќе и социјални“, додал тој.

Слични содржини