Африка: Официјално искоренет дивиот полиовирус кој предизвикува детска парализа

од Nikola Popovski
152 прегледи

Додека светот едвај ја чека вакцината против коронавирусот, во Африка е искоренет полиовирусот што предизвикува детска парализа, така што сега вирусот е присутен само во уште еден регион во светот.

Полиомиелитис е високо заразна болест која претежно се пренесува преку феко-орален пат, а поретко преку загадена храна и вода. Најмногу има влијание врз децата до пет години и може да предизвика парализа.

„Африканската регионална комисија за потврда за искоренувањето на полиомиелитисот (ARCC) потврдува дека африканскиот регион го потиснува преносот на домороден див полиовирус“, изјавила претседателката на независното тело Роуз Леке, пренесува агенцијата ДПА. Таа го нарекла ова „историско достигнување во јавното здравство“.

Во светски рамки, детската парализа е намалена за повеќе од 99 проценти од воведувањето на вакцината во 1988 година, но до неодамна немало случаи во Нигерија, Централна Африка, Јужен Судан и Камерун.

Вакцините спасуваат животи

Нигерискиот претседател Мухамед Бухари, чија земја беше последна во Африка која се ослободи од дивиот полиовирус, предупредил дека Африка мора „да избегне враќање на болеста“.

„Треба да продолжиме да ги вакцинираме нашите деца затоа што вакцините спасуваат животи“, додал претседателот.

Со африканскиот регион, пет од шесте региони на СЗО, кои претставуваат над 90 проценти од светското население, сега се ослободени од дивиот полиовирус.

Вирусот е сè уште ендемичен само во Авганистан и Пакистан, каде редовно се напаѓаат здравствени тимови кои сакаат да ја спроведат имунизацијата.

На глобално ниво, случаите на див полиовирус се намалиле од приближно 350.000 случаи во 1988 година на 33 потврдени случаи во 2018 година, покажуваат податоците на СЗО.

Слични содржини