Агелер: „Брз одговор 2025“ ја зацврстува врската меѓу САД и Македонија – сила, соработка и безбедност

од Марта Пешевска
46 прегледи

Со воена вежба „Брз одговор 2025“, Северна Македонија и САД го потврдуваат своето цврсто партнерство и заложбата за регионална и глобална безбедност. Вежбата е дел од пошироката НАТО иницијатива „Defender 25“ и претставува една од најголемите досега организирани на македонско тло, со учество на околу 2200 војници од седум НАТО земји и две партнерски држави.

Фокусот на вежбата е подобрување на интероперабилноста и подготвеноста за брза реакција при безбедносни закани, вклучувајќи сајбер напади. Меѓу сценаријата се боеви гаѓања, премини преку река, сајбер-одбрана и вежби со атомска, биолошка и хемиска заштита.

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, изјави дека оваа вежба е доказ за растечкото сојузништво и заедничката посветеност на мирот. Вежбата се одвива паралелно со одбележувањето на 32-годишното партнерство меѓу Националната гарда на Вермонт и Северна Македонија.

Освен воени активности, предвидени се и културни настани. Армиските оркестри од Вермонт и Македонија ќе одржат заеднички концерти во Скопје и Битола, како и активности со ученици. На 1 јуни, граѓаните ќе имаат можност да видат воена опрема, дронови и роботи на изложба во Кавадарци.

„Брз одговор 2025“ ќе заврши на 2 јуни со голема мултинационална вежба на Криволак, отворена за медиуми и високи гости, каде ќе се демонстрира напад со засилен пешадиски баталјон. Оваа вежба не само што ја зајакнува одбранбената соработка туку и ја носи Армијата на Северна Македонија чекор поблиску до стандардите на НАТО.

Слични содржини