Заедничката изјава на албанските парламентарни партии во Македонија на ниту еден начин или форма не ја нарушува државата, унитарниот карактер ниту пак станува збор за федерализација или поделба, напиша претседателот на Демократската унија за интеграција на својот фејсбук профил. 
– Албанските партии не беа причина за системската криза во земјата и имајќи во предвид ова, ги повикувам албанските политички партии да се воздржат од претворање на системска и внатреетничка криза во етнички судири меѓу двете најголеми етнички заедници на оваа земја. Исто така, ги повикувам македонските партии да се воздржат во нивното изразување на незадоволство од импликација на етничкиот елемент поради чувствителноста на нашето општество, напиша Ахмети на Фејсбук.
Ги повикува граѓаните да ја зачуваат ладнокрвноста и да не дозволат, како што наведува, никој од нас да стане жртва на злонамерни сценарија кои потекнуваат од сомнителни адреси.
Ова, истакнува, е политички проблем и политичките партии како и институциите во земјата ќе го најдат најдоброто решение за граѓаните, но во меѓувреме, да веруваме на вистината, а не на лагите.