Ахмети му се заблагодари на Столтенберг за придонесот за Охридскиот договор

од desk2
103 прегледи

Членството на Македонија во НАТО како процес за зајакнување на мирот и стабилноста била една од темите за кои разговарале лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Ахмети средбата ја оцени како значајна и изјави дека му се заблагодарил на Столтенберг за придонесот за Охридскиот договор.

„Му се заблагодарив на Столтенберг за придонесот на НАТО за реформите во последните 16 години и за придонесот за Охридскиот договор. НАТО има улога на спасување на земјата и зачувување на нејзината територијалност “, рече Ахмети.

Додаде дека Столтенберг порачал оти сè уште има место за знамето на Република Македонија, но неопходно е прифатливо решение за името.

Столтенберг на средбата со Ахмети потенцирал дека НАТО очекува храброст за спроведување на реформите, а тоа го очекуваат и граѓаните.

Во врска со одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, кој синоќа стави вето на Законот за употреба за јазиците, Ахмети рече дека не очекувале ваква одлука и дека Иванов имал шанса да го промени својот имиџ.

„Законот ќе се врати во Собранието, а волјата на мнозинството пратеници е овој закон да помине“, заклучи Ахмети./Makfaks