Ахмети напишал писма до меѓународните лидери: Загрозени се историските достигнувања на Албанците во Македонија

од Nikola Popovski
313 прегледи

Шефот на опозициската ДУИ, Али Ахмети испратил писмо до високи албански и меѓународни лидери, во кое ја изразува својата загриженост во врска со неодамнешните политички и уставни случувања во Македонија.

Според ДУИ, писмата испратени од Ахмети се однесуваат на три неодамнешни одлуки: можното укинување на Законот за употреба на јазиците, забраната за етничка идентификација во државните институции (Балансерот) и формирање влада без правична етничка застапеност.

Ахмети, според ДУИ, изразил загриженост дека овие случувања „ги загрозуваат достигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во мултиетничка држава“.

„Ахмети нагласува дека последните три одлуки претставуваат сериозна закана за мирот и стабилноста на земјата и на регионот во целина. Тој ги повикува меѓународните лидери на заедничка акција за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Северна Македонија“, се вели во соопштението на ДУИ објавено на 27 октомври, пренесуваат дел од медиумите на албански јазик во земјава.

Меѓу лидерите до кои Ахмети испрати писмо се претседателот и премиерот на Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, претседателката и премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Уставниот суд се очекува во декември да се произнесе за судбината на Законот за употреба на јазиците, кој беше донесен пред седум години. Премиерот Христијан Мицкоски бара да не се врши притисок врз Уставниот суд во однос на Законот за употреба на јазиците. Според него, не се оспорува целиот закон, туку само делот на судството.

Слични содржини