Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и Зијадин Села од Алијансата за Албанците се појавија пред зградата на Уставниот суд додека траеше седницата за Законот за употреба на јазиците. Ахмети рече дека не се собрале да се тепаат, туку да го слушнат гласот на разумот.
„Денес овој едностран суд треба да ги отфрли 13-те иницијативи за сузбивање на албанскиот јазик. Тоа би била нивна најмудра одлука бидејќи таму се етнички чисти, без присуство на поголемата албанска заедница и третата турска заедница. Сакаме мир, стабилност, дојдовме како семејство. Не дојдовме да се судриме, туку да го слушнеме гласот на разумот“, кажа Ахмети само на албански јазик, при што не се обрати на македонски.
Ахмети додаде дека овој ден го потсетува на 1989 година, кога „Слободан Милошевиќ ја задушуваше автономијата на Косово“.
Покрај Ахмети, присутни беа и бројни членови на ДУИ како поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи и поранешниот министер за образование и наука Арбер Адеми. Сепак не беше присутен Артан Груби кој пред два дена заврши на американската црна листа со санкции.
Уставниот суд ја започна и заврши денешната седница на која се расправаше за Законот за употреба на јазиците. На седницата, како што беше претходно најавено, не присуствуваа судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари.
Судијата Фатмир Скендер побара точката на дневниот ред да се повлече поради нивно отсуство. Останатите судии го одбија предлогот, а против беа претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судиите Ана Павлова Данева, Добрила Кацарска и Елизабета Дуковска.
Потоа беше одлучено да се одржи подготвителна седница за законот, при што треба да бидат консултирани и експерти, професори и политичките партии. Неизвесно е кога ќе биде одржана, но се поизвесно е дека ќе поминат неколку месеци.
Во Скопје има зголемено полициското обезбедување. Полицијата е и пред Собранието и Владата.
Предметот на Законот за јазиците се состои од 13 иницијативи на различни граѓани, политички партии, здруженија, формиран во 2019 година, а е актуелен есенва по приговорите на Венецијанската комисија. Што се однесува до иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целина или само за неговите делови, привремено да ја прекине неговата примена до донесување конечна одлука или да го предаде на ревизија и доработка во Собранието.
Иницијатори на иницијативата за оспорување на одредбите од Законот за употреба на јазикот се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазески, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски.
Фото: Локално