Ахмети со порака до Филипче: Не го копирајте ВМРО ДПМНЕ, употребата на анти-ДУИ реторика е одраз на вкоренета албанофобија

од Nikola Popovski
255 прегледи

„Неодамнешните изјави на Венко Филипче, каде што се обидува да го искористи наративот против ДУИ за да ги прикрие неуспесите на неговата партија, покажуваат опасно лизгање кон популарните пристапи на ВМРО-ДПМНЕ. Употребата на албанофобија како политичка алатка не само што е неодговорна, туку и штетна за социјалната кохезија и стабилноста на С.Македонија“, велат од ДУИ преку соопштение упатено кон лидерот на социјалдемократите.

Според партијата од Мала Речица, „политичката опседнатост со ДУИ произлегува од две главни причини“.

-Прво, обидот да се изгради политички идентитет преку ДУИ како единствена партија со јасен идеолошки и политички идентитет на сцената на С.Македонија. Во политичко опкружување каде многу партии ги менуваат позициите според актуелните интереси, ДУИ изгради стабилна визија и испорача конкретни резултати кои позитивно се одразија на сите граѓани. Ваквата конзистентност е остар контраст со очигледниот недостаток на визија кај другите партии, кои имаат тенденција да го градат својот идентитет преку напади против ДУИ.

Второ, употребата на анти-ДУИ реториката е одраз на вкоренетата албанофобија во дел од македонската политичка сцена. Наместо да промовираат еднаквост и соработка, некои партии се обидуваат да ги мобилизираат своите поддржувачи таргетирајќи ги Албанците и нивните политички претставници. Овој пристап е доказ за политичката слабост и немањето идеи за изградба на подобра иднина за сите граѓани на С. Македонија, сметаат во ДУИ.

Партијата на Али Ахмети вели дека не била против и не е проблем за оние кои бараат јасна визија и праведна и рамноправна држава.

-Напротив, секогаш сме биле гаранти на стабилноста и промотори на евроатлантските реформи. Нашиот успех, базиран на 15 последователни изборни победи, не е причина да создаваме опсесии, туку да размислуваме за недостатокот на визија и резултати на другите партии.

Ако Филипче и неговата партија сакаат да изградат подобра иднина за граѓаните, тие мора да престанат да се обидуваат да ги копираат пристапите на поделби од минатото и да се фокусираат на градење наратив што ги обединува граѓаните и промовира стабилност. Албанците и граѓаните на оваа земја добро знаат дека ДУИ е успешна приказна, а успесите не можат да ги оправдаат неуспесите на другите.

Употребата на истрошената анти-ДУИ реторика не помага ниту на господинот Филипче, неговата партија, а секако не и на С.Македонија. Албанците и граѓаните бараат стабилност, напредок и визија – а не реторика за поделби и вратена албанофобија, реагираат од ДУИ преку партиско соопштение.

Пред неколку дена во интервју, лидерот на СДСМ отворено призна дека коалицијата со ДУИ во изминатите години сериозно ја оштети позицијата на СДСМ. Тој ја потенцираше дека вредностите ќе бидат најважна основа за идните коалиции, нагласувајќи дека ваквите грешки нема да се повторат.

„Бевме сервилни кон нашите коалициски партнери, а тие ја злоупотребија нашата широчина. Не вреди да се остане во Влада или да се одржи Владата некој период подолго, а притоа сериозно да биде оштетена нашата позиција“, рече Филипче.

Тој ја објасни оваа позиција како дел од научените лекции од минатото, кои веќе се имплементирани во новиот пристап на партијата.

„Да, ДУИ на некој начин ја трошеше и во значаен дел ја потроши СДСМ како дел од власта. Тоа не е само моја констатација, туку е дел од многу сериозна анализа која што ја направивме“, изјави претседателот на СДСМ.

Филипче истакна дека партијата повеќе нема да прави компромиси кои би ја загрозиле нејзината иднина и принципите што ги застапува. Вредностите и интересите на граѓаните ќе бидат основата за секоја идна коалиција.

„Секоја идна коалиција ќе ја градиме врз основа на вредносните политики. Вакви компромиси, кои сериозно го оштетија нашиот интегритет, нема да се повторат“, нагласи тој.

Слични содржини