Претседателот на ДУИ, Али Ахмети утре во 11 часот треба да соопшти голема вест, велат од партијата од Мала Речица.
-Утре, четврток, во 11:00 часот преку директен пренос на Фејсбук, Ахмети ќе ја соопшти големата вест, сподели ДУИ на социјалните мрежи.
Според информациите, се очекува Ахмети да го соопшти името на претседателскиот кандидат со кој ДУИ ќе трча на изборите.
Во јавноста веќе проструи информацијата дека градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари ќе биде кандидатот на ДУИ. Се споменуваше името и на потпретседателот на партијата и шеф на македонската дипломатија, Бујар Османи. Претходно Артан Груби потврди дека претседателот Стево Пендаровски не може да се надева на поддршката на ДУИ во првиот круг од изборите.
Техничкиот премиер Талат Џафери смета дека Ахмети нема да прифати кандидатура за претседател на државата. Џафери смета дека не е приоритет на Ахмети натпреварот по однос на носењето на функција.
-Не мислам дека му е приоритет натпреварот по однос на носењето на функција. Да сакал функција, можел да ја има која било функција во овие 23 години, рече неодамна Џафери.