Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, за време на посетата на Приштина, се сретнал со косовската претседателка Вјоса Османи, со која разговарал за политичката состојба во Македонија и Косово, положбата на Албанците во регионот, регионалните предизвици и важноста на тесната соработка.
Ахмети на Фејсбук соопшти дека разговарале и за стабилноста во регионот и евроатлантските интеграции.
„Ја изразив мојата благодарност до претседателката Османи за нејзиното гостопримство и ја ценев високо нејзината водечка улога во достоинственото претставување на Косово на меѓународната сцена. Во исто време, ја изразувам мојата поддршка за изборниот процес и брзото воспоставување институции во служба на граѓаните. Во овој контекст, ја изразив мојата длабока загриженост поради сериозното влошување на политичката и институционалната состојба во Северна Македонија, каде што Албанците се цел на хибриден политичко-олигархиски блок со етнички супремацистички карактер и со политички инжињеринг на албанското претставување. Се соочуваат со опасна офанзива насочена кон уништување на столбовите на Охридскиот мировен договор“, рекол Ахмети.
Како што додаде тој, Уставниот суд во Македонија е трансформиран во партиски инструмент, кој ги поништува темелите на еднаквоста – како што е употребата на албанскиот јазик и заштитните механизми како што се балансерите.
„Тоа претставува флагрантно кршење на меѓуетничката рамноправност и ги загрозува темелите на соживотот што го изградивме со многу труд и жртва. Исто така, нагласив дека европското досие е запоставено, отстапувајќи од патот на интеграцијата и заедничките вредности. За прв пат, опасните идеи што го доведуваат во прашање мултиетничкиот и унитарниот карактер на државата, како што е предвидено во Охридскиот договор, наоѓаат место во јавниот политички дискурс“, се пожалил Ахмети до Османи.
Првиот човек на ДУИ навел дека овие настани бараат будност, единство и координирана акција со цел да се заштитат албанските „историски достигнувања“ и да се гарантира европската иднина на граѓаните.