„Ако мисли дека вака ќе ја растури Македонија можам да порачам дека нема да победи на овој начин“, вели лидерот на СДСМ за пораките на Ахмети

Реакцијата на Филипче следува по изјавата на Ахмети дека „ја уништил Југославија“ и дека никој во Македонија не знае „подобро од него“ како се прави национализам

од Nikola Popovski
48 прегледи Фото: Фејсбук

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја прокоментира вчерашната изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека „ја уништил Југославија“ и „дека ако излезе на улица, нема да се врати дома“.

-Сметам дека тие барања на Али Ахмети се само за негово лично политичко поентирање. Ние имаме одличен соживот со сите наши сограѓани од сите националности во нашата партија, во раководството на партијата. Има и луѓе од другите етнички заедници, нашиот мултиетнички, мултикултурен карактер нема да се смени ниту пак се негува на тој начин којшто предлага господинот Ахмети.

Сметам дека тоа го кажува само за некаков негов политички бенефит во оваа консталација на односите. Гледам кажал ја растурил Југославија ако мисли дека вака ќе ја растури Македонија можам да порачам дека нема да победи на овој начин, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на коментарите на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на СДСМ им порачал да го гледаат „сопствениот двор со какви кадри располагаат“.

-Еве гледаме за жал кадрите што ја менаџираат во овој момент државата граѓаните ги доведоа до просјачки стап. Така да тоа треба да им е работата нив, не да се занимаваат со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Имаме многу висок критериум за извор на личности на сите позиции и практично се спремаме да на следните избори кога и да се случат власта ја вратиме во рацете на граѓаните, укажал Филипче.

„Нема никој во Македонија кој знае подобро од мене како да прави национализам. Јас ја уништив Југославија и 20 години го спроведував проектот 1981 – 2001. Но, слушнете го мојот говор на Конгресот, никогаш не сум се занимавал со ВМРО, СДСМ или Влен. Она што го имав за вазалите, им го кажав од 2002 до 2025 година. Тие не нудат одржливо решение“, рекол вчера Ахмети, пренесуваат медиумите кои присуствувале на брифингот.

Според него, планот А на ДУИ останува развој и напредок на државата, при што изразил надеж дека нема да се префрли на план Б.

„Ако излезам на улица, никогаш нема да се вратам дома. Јас не сум претставник на мачки, туку на лавови“, додал Ахмети.

Ахмети: Јас ја уништив Југославија, нема никој во Македонија кој знае подобро од мене како да направи национализам