Легендата на филмската и театарската уметност Јелена Жигон на 11 ноември во 12 часот ќе гостува во Друштвото на писателите на Македонија. Позната српска актерка во ДПМ ќе чита стихови од книгата „Некаде помеѓу“ од Искра Пенева, поетеса – иселеник од Македонија, добитник на наградата „Стојан Христов“ на годинашните Струшки вечери на поезијата. Реномираното признание за најдобра книга од автор, иселеник од нашава земја, традиционално на СВП ја доделува Агенцијата за иселеници на Република Македонија.
На промоцијата во Друштвото на писателите на Македонија за стихозбирката „Некаде помеѓу“ од Искра Пенева, ќе зборуваат директорот на Македонскиот издавачки и информативен центар од Панчево, Виктор Б. Шекеровски, и писателот и литературен критичар, проф. д-р Христо Петрески. Програмата ќе ја води Александра Велинова.