Активисти на Гринпис се качија на седиштето на ЕУ пред почеток на климатскиот самит

од Aleksandar Petrovski
240 прегледи

Еколошки активисти од меѓународната група Гринпис денеска се качија на новото седиште на ЕУ во Брисел и поставија огромен транспарент со кој предупредуваат на климатската загрозеност, само неколку часа пред почетокот на самитот на лидерите на Унијата за борба против глобалното затоплување.

Околу 30 активисти во црвена облека и со опрема за искачување, стоеле на скелињата покрај зградата на ЕУ, додека полицијата ги опколила, а хеликоптер кружел над нив.

Некои западни медиуми објавија дека биле приведени околу 20 активисти кои се наоѓале на земја.

– Членовите на Гринпис успеаја да се качат на зградата преку скали на стар пожарникарски камион и имаат доволно храна за два дена, изјави портпаролот на групата, Марк Бреди.

Лидерите на ЕУ се очекува на самитот да ги усвојат насоките за долгорочната стратегија на Унијата во борбата против климатските промени, што ќе се темели врз остварување на „климатски неутрална Европа“ до 2050 година.

Слични содржини