Премиерот Зоран Заев вчера ги промовираше 10 приоритети на Владата за следната 2021 година, наречени „Акција 21“.
Тој наброја десет приоритети- прочистување на правосудството, борба против корупцијата, заштита на животна средина, запирање на ширењето на ковид19 и опоравување од последиците, поддршка на индустријата за одгледување канабис за медицински цели, нова македонска енергетика, спроведување на пописот, стоп за дезинформациите и образовната реформа.
Прочистување на правосудството
Премиерот Заев најави дека моделот за прочистување или филтрација е во завршна фаза и ќе опфато ревизија на цели досиеја, секој судија ќе биде оценуван,според листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање.
Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност.
Борба против корупција
Ова опфаќа воспоставување јасни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители, преку силна политичка волја и преку мотивација на секој граѓанин, на сите нас, да се ангажираме во искоренувањето на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад.
Заштита на природата
За 2021 година во Програмата за намалување на аерозагадувањето Заев најави 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност, обновување на урбаното зеленило. Во 2021 година ќе продолжи инвестирањето во замената на нееколошките системи за греење и до 2024 година ниту една државна институција нема да користи загадувачки енергенси. Идната година високо во приоритетите е да го зголемиме процентот на заштитени природни подрачја.
Мерки против ковид-19
Во однос на борбата со ковид-19, Заев ја најави набавката на вкцината, чија дистрибуција преку Ковакс системот се очекува на почетокот на следната година. Започнати се и преговори за директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините, , како и трет механизам преку Европската унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата.
Легализација на марихуаната
Светските и европски стандарди Владата ќе ги носи и преку индустријата за одгледување канабис за медицински цели и за производство на продукти од оваа билка.
Енергетика
Термоелектраната Осломеј ќе се замени со фотонапонска електрана, АД ТЕЦ Неготино распиша оглас за изработка на Физибилити студија и во првата половина на 2021 ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електрана на истата локација по моделот на јавно приватно партнерство или ќе се продава АД ТЕЦ Неготино, грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 MW во РЕК Битола, како и реализацијата на нови ветерни паркови во Богданци, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца.
Од идната година и официјално започнува изградбата на гасоводот помеѓу Северна Македонија и Грција со кој ќе се обезбедат дополнителни количини на природен гас од други извори со конкурентна цена, со сигурност и безбедност во снабдувањето, во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово, а ќе започне и втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини.
Инфраструктура
Министерството за транспорт се наменети за капитални проекти во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и за изградба на социјални станови. Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8 во втората и третата фаза вредни 600 милиони евра.
Попис
Во 2021 година, еден од приоритетите ќе биде и спроведување на пописот на населението, соопшти премиерот Зоран Заев
„Пописот ќе чини 8,5 милиони евра, или пет милиони помалку од пропаднатиот попис во 2011 година“, рече Заев.
Дезинформациите
Владата ќе спроведе широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор во уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата, најави Заев.
Економски потенцијали
Како приоритет за 2021 година, Заев ги спомена постапките за измени или дополнувања на Законот за данок на имот, на законските можности за легализирање на автомобилите со странски таблички, како и за можностите за стимулирање и погодности за ставање во функција на кеш парите што се чуваат дома или на парите од заштеда или добивка.