АЛАРМ! Линданот од ОХИС сврзан со ПМ 10 е еднакво на масовно труење

од Vladimir Zorba
88 прегледи
 

Греењето од домаќинствата, возилата, изгубеното зеленило, непланските градби и работата на фабриките репризно се дискутираат низ јавноста секоја зима кога почнува да „пече“ на нос и очи. Но, она што ретко се споменува е над 30.000 тони екстремно опасен отпад, несоодветно складиран на депонијата во фабриката ОХИС. Оваа депонија е утврдена како „најжешката еколошка точка“ во Македонија, наведена и на светските еколошки мапи, пишува Радио МОФ.

deponija-vo-ohis-1

Реномираниот професор Трајче Стафилов од Институтот по хемија при ПМФ редовно одржува презентации и алармира за овој горлив проблем. Бара итен ангажман и уништување на отпадот. Особено што сите досегашни истражувања и студии укажуваат дека на тој потег освен големо количество жива, со години скопјани ги труе линданот.

lokacijata-na-ohis

Линданот бил користен како инсектицид со широк обем на дејствување кај семенскиот материјал, за третирање на почвата, прскање, заштита на дрвената граѓа и против ектопаразити кај животните и луѓето. Линданот е токсичен, ставен е во групата на канцерогени супстанции. Односно во групата на ПОПС (Persistent organic pollutants) – неразградливи органски полутанти.

Депонијата на ОХИС е создадена од средината на седумдесеттите години, кога употребата на линданот била забранета. Дотогашното производство од 13.000 тони е оставено на отворено, без претходна подготовка на подлогата. Оставено е на земја. Неколку години подоцна, поради неподносливата миризба на пестицидот, депониите се покриени со околу 20.000 тони земја. Па сега таму опстојува над 30.000 тони опасен отпад! Загадени се подземните води, истовремено ветерот ја разнесува прашината во воздухот. Линданот се сврзува и со честичките ПМ10, а се разнесува и насекаде по почвите. Вака е со години.

„Овие супстанции се група на органски хемиски соединенија, кои се екстремно токсични и многу тешко се разградуваат во природата. Опстојуваат со децении кога се испуштени во животната средина. Преминуваат во подземните води, индиректно во храната преку почвата, а може да бидат и присутни во воздухот и да ги вдишуваме. Имаат многу штетно влијание врз здравјето на луѓето, но и врз животните и живиот свет воопшто“, објаснува Стафилов.

Токму затоа, во рамките на Обединетите нации е потпишана т.н. Стокхолмска конвенција. Досега ја имаат потпишано речиси сто држави. Како што се прават дополнителни истражувања и се добиваат информации за штетноста на некоја супстанција, така се внесува и зголемува списокот на хемикалии. Земјите-потписнички на оваа конвенција се обврзуваат да даваат периодични извештаи за овие супстанции за секоја држава, со цел да се забрани нивното производство, но и да се спречи нивно ненамерно создавање.

Македонија ја има потпишано оваа конвенција во 2005 година, а линданот како пестицид е вклучен во групата на ПОПС во 2009. Од тогаш секоја земја-потписничка треба да се грижи за решавање на своите проблеми со линданот. Конвенцијата ја води посебен секретаријат на УНЕП (Програма на Обединетите нации за животна средина), со седиште во Женева. Покрај другото, постои и посебен тим од 15 експерти за изработка на мониторинг-програма за овие супстанции на светско ниво, меѓу кои е и самиот Стафилов.

„Со проектот финансиран од ЕУ, депонијата на ОХИС се најде на врвот на листата на ‘жешки еколошки точки’ во Македонија. Потоа, заедно со колегите истражувачи од Брно, Чешка, поставивме апсорбери за земање проби од воздух за анализа на вакви супстанции – пестициди, диоксини, фурани. Поставивме во Лазарополе како точка за споредување, Струмица, каде што се користат пестициди, во Битола, во Скопје до ОХИС кај хемиското училиште, до ректоратот и кај рафинеријата. Резултатите за Скопје беа загрижувачки, со високотоксични концентрации! Проблемот е што нема официјално утврдена граница на светско ниво, никој нормален човек досега не предвидел дека е можно толкаво количество линдан да се остави на отворено“, вели Стафилов, потенцирајќи дека анализите покажале дека воздухот во околината на ОХИС содржи од 3 до 4 нанограми на кубен метар линдан, за разлика од Лазарополе, каде што резултатот е 0,1.

Целиот текст на Радио МОФ на следниот линк.