Аларм поради кинеската вакцина, починаа 10 лекари кои ги примиле двете дози

од Stefanija Kuzmanovska
459 прегледи

Откако беше утврдено дека најмалку 10 од 26 индонезиски лекари кои починаа од ковид-19 во јуни ги добиле обете дози на кинеската вакцина Синовак, тамошните власти разгледаа дали на лекарите треба да им се дадат дополнителни дози на вакцина против ковид-19 за да им се зајакне имунолошки систем, пишува „Гардијан“.

Индонезија, која во голема мера ги вакцинираше работниците во здравствениот систем со Синовак, во моментов се бори со зголемување на бројот на заразени со коронавирус. Новиот бран на инфекции, што се случи главно поради размножувањето на нови видови, ги оптерети болниците и гробиштата во главниот град на државата Џакарта.

Индонезија во понеделникот забележа 20.694 нови случаи на инфекција со коронавирус.

Повеќе од 500 здравствени работници во градот Кудус во текот на изминатите две недели се покажаа позитивни на ковид. Меѓу нив беше и лекар кој почина од последиците на вирусот. Сите ги примиле двете дози на вакцината. Овие податоци, објавени од Индонезиската медицинска асоцијација (ИЛЗ), го доведуваат во прашање нивото на заштита што го обезбедува Синовак, особено од новите, позаразни варијанти на коронавирусот.

Светската здравствена организација (СЗО) ја одобри употребата на Синовак во итни случаи во јуни, откако се покажа дека вакцината има ефикасност од 51 процент. Исто така, никој од луѓето кои учествувале во клиничкото испитување на вакцината, не развиле сериозни симптоми на ковид-19 и не морале да одат во болница за лекување.

Нема доволно докази

Неколку земји кои вакцинираа голем број свои жители со кинеските вакцини Синовак и Синофарм неодамна забележаа зголемување на бројот на заразени. Меѓу нив беа Монголија, Сејшели, Бахреин и Чиле.

Загриженоста за ефикасноста на кинеските вакцини доведе до опаѓање на желбата за вакцинација кај жителите на земјите кои се потпираа на Синовак и Синофарм во битката против ковид. Филипинското Министерство за здравство во мај објави дека нема да им каже на граѓаните кои вакцини ќе бидат дадени на индивидуални места за вакцинација. Ова соопштение дојде откако во еден момент започна да се формира редицата за вакцинација уште во 2 часот по полноќ, бидејќи се шпекулираше дека ќе бидат вакцинирани со вакцината на Фајзер.

– Постои загриженост за Синовак затоа што нема доволно писмени докази за нејзината ефикасност, барем не споредени со другите вакцини – рече д-р. Павин Нумтхавај, клинички епидемиолог од Тајланд. Болницата во која работи минатата недела доби два милиони дози Синовак.

Нумтхавај рече дека зголемувањето на инфекциите со коронавирус во земјите кои се потпираат на кинеската вакцина е загрижувачки, додавајќи дека многу тајландски здравствени работници биле вакцинирани со Синовак.

– (Синовак) може да функционира, но не за секого … Нашата работа е да откриеме кај кого функционира, а кај кого не – рече Нумтхавај, додавајќи дека смета дека тајландските власти треба да набават повеќе различни вакцини.

Работната група за контрола на ризик ИЛЗ соопшти дека верува дека секоја вакцина против ковид-19 одобрена од СЗО и индонезиските регулатори помага во борбата против болеста. Но, работната група исто така соопшти дека разговарала дали да се додадат дополнителни дози на вакцини на индонезиските здравствени работници.

 

Слични содржини