Директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија, Александар Вулин, соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од таа функција, пренесоа српските медиуми.
„САД и ЕУ ја бараат мојата глава како предуслов за да не се воведат санкции кон Србија. Jас не сум предизвикувач на уцени и притисок врз Србија и српскиот свет, но нема да дозволам да бидам повод за уцени и притисок врз Србија и српскиот свет. Затоа поднесувам неотповиклива оставка од функцијата директор на БИА“, се наведува во соопштението на Вулин.
Тој посочил дека неговата оставка „нема да ја промени политиката на САД и ЕУ кон Србија, но ќе ги забави новите барања и уцени“.
Директорот на Безбедносно-информативната агенција Александар Вулин е ставен на листата на лица под санкции на американската администрација поради, како што се наведува, „вклучување во транснационален организиран криминал, незаконски операции поврзани со наркотици и злоупотреба на јавна функција“.
Дополнително, американските власти тврдат дека Вулин „со злоупотреба на јавната функција“ му помогнал на трговецот со оружје Слободан Тешиќ неговите „нелегални пратки оружје слободно да се движат низ границите на Србија“, а на Русија ѝ дал „платформа за понатамошни, злонамерни влијание во регионот“.