Одлуката за гласањето за промена на Уставот ја донесов сама, единствено пред мене беше интересот на државата, сметам дека Македонија до сега изгуби многу и сметав дека овој момент не требаше да биде испуштен. Со нашиот глас допринесовме за иднината на државата и за евроатлантскиот пат, вели пратеничката од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Емилија Александрова во интервју за ТВ21.
„Датумот не го добивме, за жал се наоѓаме во турбулентни времиња не само во државата, туку и во рамките на европската перспектива. Сметам дека ова што го имавме од Франција не е конечен одговор, ние мораме уште да работиме, да донесеме многу закони, многу реформи. Ние до добивањето на датумот треба да ги донесеме европските вредности за граѓаните да ги почувствуваат европските вредности, а прашањето за датумот да не биде дали ќе биде во април или јуни“, вели Александрова.
Според неа, ВМРО-ДПМНЕ води погубна политика во однос на членството во ЕУ, односно игра на сигурна карта за да не изгуби дел од членството на партијата, но тогаш казната кон партијата би била голема.
„Можам за мене да кажам дека разговорите се вредни, еднаш господинот Христијан Мицкоски рече никогаш не вели никогаш во политиката, ќе оставиме време дали можеме или не можеме да ги приближиме нашите ставови. Сакам да верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува европските вредности и искрено се залагаат за Македонија да го најде своето место во европското семејство, но загрижена сум дека раководството на терен има една реторика, а пред дипломатите имаат друга реторика. Сакам јавно да поставам прашање до раководството, кога кажуваат дека некој ќе одговара за предавството, дали во својата програма имаат дека ако освојат 80 пратеници ќе го вратат името и со тоа ќе ја загрозат европската иднина на Македонија. Ништо не е променето, ние сме Македонци кои говорат македонски јазик и живеат во Република Северна Македонија. Ослободена од партиските стеги полесно е да разговарам со граѓаните, разговарам и со членови на ВМРО-ДПМНЕ, но и со оние кои не се“, рече Алексанрдова во интервјуто.
Таа вели дека нема остварено контакти со Митко Јанчев и останатите кои се споменуваат во „Македонски концепт“ на Петар Богојески, исклучениот екс заменик генерален секретар во ВМРО-ДПМНЕ.