Лидерот на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари синоќа потврди дека неговата партија донела конечна одлука да биде дел од новото владино проширено мнозинство и да влезе на „Илинденска бр.2“. Таравари на прес-конференција во седиштето на партијата информираше за дел од ресорите и позициите што ги добила Алијанса.
„Два заменици-министри за одбрана и земјоделство и три министерства – правда и здравство се сигурни и третото министерство ќе биде или Министерство за информатичко општество или вицепремиер за економски прашања. За кадровските решенија ќе се одржи Централното собрание и ќе разговараме. Најверојатно утре ќе имаме состанок со премиерот Ковачевски, на кој што веќе сихронизираните програми ќе ги потпишеме и може ќе се соопштат имињата на новите министри и заменици-министри, кажа Таравари.
Тој потенцира дека не станало збор за добивање на ресорот образование.
-Има и директорски места, меѓутоа прво треба да се избере Владата, па после тоа ќе ги назначиме. Во периодот што следува ќе се знаат институциите со кои ќе раководи АА. Нашата мисија е годинава да ја направиме разликата во раководење со соодветните институции и да се постигне целта, додаде лидерот на АА.
Синоќа Централниот одбор на СДСМ го овласти претседателот на партијата и премиер, Димитар Ковачевски да ги заокружи разговорите за поголемо мнозинство и да предложи кадровски решенија за реконструкција на Владата.
-Со принципите на платформата за соработка со Алијанса на Албанците, кои денеска ги одобри Централниот одбор, се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност и зголемена ефикасност на Собранието и институциите, рекоа меѓу другото од владеачката партија.