Али Касами тетовски изумител на електрична мешалка за ајвар

од Vladimir Zorba

Триесет и осумгодишниот Али Касами од Тетово со иновативен изум ја надминува потешкотија при правање ајвар. Изработил електрична мешалка за ајварот со намера да се избегне мачнината од потребата неколку часа да се стои до шпорет на дрва кој шири топлина и да се мешаат состојките се додека не се испржат.  Потешкотијата со која се соочил, но и познавањата на електриката биле иницијатива да започна да размислува како да на ја создаде оваа направа.

-Искрено мака ми беше да помогам во правањето ајвар, многу тешка работа е.  Си помислив мора да се најде начин како да се избегне стоење и потење пред шпорет и да се заморуваш со часови околу мешањето на пиперките додека се пржат. Јас сум електричар, имам учено средно електротехничко и сум занатлија веќе 20 години.  Идејата покрај во дворот се роди и во дуќанот каде вршам поправки на електрични апарати, раскажува тетовецот.

Во текот на 2016 година започнува да го осмислува апартот со кој треба да се олесни мешањето ајвар. Потребни му биле шест месеци за конечниот изум. Направата е создадена така што спојува три метални цевки кои имаат уште една вертикална цевка налик на троножец.  На врвот од вертикалната цевка стои електромотор, а на дното помала ростфајтна шипка што ја придвижува дрвената мешалка горе-долу по потреба. Исто така дрвената мешалка електромоторот ја движи во круг со цел да се изврши главна функција на апаратот – да се меша ајварот и да не загори на дното од шерпата.

-Потребни ми се метални цевки, а за секоја направа правам и мал редуктор да ја конвертирам струјата од 220 волти на само 12 волти бидејќи толку му е доволно на апаратот за да работи и функционира. Ростфајтната шипка има и амортизација за да може да се движи горе-долу па заедно со кружното мешање ефикасно се мешаат состојките кои се пржат. Мешалката мора да биде дрвена и тоа од бука за која се смета дека има најмалку отрови во споредба со другите дрвја.  Кога се мократ дрвата испуштаат некои материи како отрови, но не и буката, вели Али.

За да се направи ваков изум потребни познавања од повеќе области.  Али покрај разбирање во  електротехниката знае да работи и браварија и заварување. За да функцинира апаратот на струја треба да создаде механизам со електро мотор за кој подготвува електрична шема.  Околу цевките треба работа на прецизно сечење со цел да се имаат исти димензии, а исто така треба да се спојат со заварување.  Вклопување на сите елементи како моторот, цевките, ростфајтната шипка и дрвената мешалка бараат умешност и познавање на браваријата.

-Иако има само 12 волти механизмот има подесување на две брзини на мешање.  Кога го работев неколку месеци се соочив со проблемот како да создадам механизам и правилно редуктирање на струјата со цел да издржи неколку часа во мешање на состојките за ајвар. Внимателноста е потребна бидејќи дрвената мешалка доаѓа во допир со водата која се издвојува од пиперките кои се пржат, вели Али.

Во разговорот ни открива дека сака да оди и понатаму во изумот-односно да се најде начин и да смисли и механизам за лупење на пиперките кои се печат за правење ајвар. На истиот принцип како и мешалката за ајвар претходно направил и електромотор за нишање на колепки за бебиња. Под колепките поставува две дрвени основи на кои приклучува електромотор исто на 12 волти што ја придвижуваат  направата.

-Се обидов да го патентирам изумот, но не бев истраен, бара многу документација па и пари. Исто така, никој од државните установи не покажува интерес за некаква помош околу патентирање или слично. Се треба сам да правиш, вели Касами.

Мешалките за ајвар ги прави по нарачка, а веќе имаме продадено над 100 такви низ цела Македонија како и во Косово.

Слични содржини