Изјавата на министерот Азир Алиу дека е „здраво за ДУИ да замине во опозиција“, ја разработи берзата на прогнози за иднината на владината коалиција. Аналитичарите ги отфлаат шпекулативните најави за предвремени избори. Сепак, кај поголемиот дел од нив преовладува ставот дека ова е само партиско дефиле за презентирање на маневарските можности во пресрет на редовниот термин за изборите кои се очекуваат наредната пролет.
Според Џенур Исени, Алиу даде тактички коментар да се дефокусира јавноста, но и да се на таа линија до која се држеше Алијансата за Албанците и заради која доби гласови од нивните гласачи – да бидат анти-ДУИ, а не со нив.
-Затоа сега пробуваат иако се на власт, со самото тоа што веќе доаѓа времето на избори, колку толку да покажат дека не отстапиле од тоа што го кажуваа со години, а тоа е ДУИ да премине во опозиција. Од друга страна овие игри се главен показател дека партиите не чувствуваат самодоверба дека народот стои позади нив, па затоа мора да прибегнуваат кон овие игри, истакнува аналитичарот за „Локално“.
Смета дека наместо да покажат трпение и тактичности, партиите до гола кожа ја покажуваат нивната алчност за власт.
-Тоа ќе допринесе за додатно разочарување кај гласачите и додатно делегитимирање на моменталниот партиски систем. И сето ова е борба за власт, затоа што политичката класа изгради такви филтри на неказнивост преку моќта на назначување што успеа да произведе систем кој носи богатство на оние што се на власт и гарантира богатство на оние што ќе дојдат на власт. Затоа, борбата за преземање на власта во оваа земја оди подалеку од секој морален и демократски принцип, посочува Исени.
Според него, Алијанса е отворена и за приклучување кон здружениот албански опозициски фронт и тврди дека во партијата на Таравари има раздор на мислења околу ова прашање.
-Наредните денови можно е да имаме уште пожесток вокабулар меѓу коалиционите партнери, и тоа може да предизвика некоја соработка на дел од членовите и функсионери на АА со опозициониот блок, ни рече соговорникот.
Аналитичарот е дециден дека АА повеќе изгуби одколку доби.
-Граѓаните се преокупирани со проблемите во здравството, образованието, културата, спортот, патната инфраструктура, комуналните проблеми, а пред се економската криза и високите цени на секојдневните производи и услуги. Жално е што нашите политичари не излегоа од матрицата кој е полош и не ги сфаќаат пораките дека народот сака да гласа на принципот кој е подобар. Апатијата која владее кај обичниот граѓанин, постојано се пумпа со препукувања и дофрлувања, а безумието нема крај. Во услови на тешка економска криза, повеќекратен раст на цените, зголемена цена на нафтени деривати и основни намирници за прехрана, политичките „елити“ се држат на нишан со голи препукувања за тоа кој кај згрешил. Никако да слушнеме заеднички став и обединетост за тоа како ќе ја поминеме студената зима која не очекува (со оглед на растот на цените на огревот), а во најава е вжештување на политичката кулминација, бидејќи изгледа тоа е единствен план за греење на граѓаните и на власта и на опозицијата, објаснува Исени.
Поранешниот пратениик Зуди Џелили се согласува дека ваквите дебати зачестија со оглед на тоа дека се ближа изборите.
-Претседателот на АА, пред некој ден рече дека ДУИ треба да оди во опозиција, истото го повтори и министерот Алиу. Можеби немаат проблеми за време на владеењето заедно, но АА не влезе во Влада за да го спаси ДУИ, туку влезе да ја спаси државата од можни кризи предизвикани од странски деструктивни служби, оценува Џелили во разговор за „Локално“.
Посочува дека АА е политичка партија со инфраструктура низ цела територија на државата каде живеат Албанци.
-Нормално е дека од второ позиционирана партија сака да биде прво позиционирана кај албанскиот електорат, но дали ова ќе го постигне сама или во коалиција со други партии зависи како ќе одлучат нивните органи на партијата, образложува соговорникот.
Бидејки АА е дел од Европскиот фронт, додава Џелили дека и во тој правец ќе продолжат, но смета дека останува да одлучат за одна од опциите: да одат сами на избори (тоа го сака поголемиот делл на членството) или да одат со опозициските партии (за што имаат чести понуди).
-Мислам со приклучувањето кон владините партнери СДСМ и ДУИ се разочара дел од членсвото и симпатизерите, но бидејки намерата беше да се избегнат непосакани настани во државата, граѓаните ќе имаат разбирање дека тоа го направија за да се реши конфликтот во Украина, да не ни се случи „Бањска“ и др, ни рече аналитичарот.
Владината коалиција на СДСМ, ДУИ и Алтернатива претходно броеше 64 пратеници во 120-члениот парламент. Со влезот на Алијанса за Албанците се добија плус осум пратеници, но излегоа тројцата од Алтернатива. Во меѓувреме и доскорешните пратеници на ДУИ, Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику и пратеникот Кастриот Реџепи, кои формираа ново политичко движење, веќе ќе дејствуваат како независни пратеници.
Според Меџити, Алијанса за Албанците треба да биде во врвот на албанските опозициски движења, особено затоа што политичкиот наратив го градела анти-ДУИ. Тој го повикува раководството на Алијанса да им се приклучи во опозициската борба со цел, како што вели Меџити, да направат промена.
Н.П.