Алијанса нема да биде иста партија по „раздорот“: „Доколку за мајските избори не влезе во предизборна коалиција, брзо ќе заврши како ДПА“

од Nikola Popovski
590 прегледи

Претседателот на Централното собрание на Алијансата за Албанците и бивши лидер на партијата, Зијадин Села за в сабота свика седница на нивното Собрание, на кое ќе се побара одговорност од лидерот Арбен Таравари, во врска со неговиот предлог партијата да оди на избори заедно со Европскиот сојуз за промени. Како што се наведува во поканата до членовите на Собранието на Алијанса, прва точка на дневен ред е извештајот на претседателот на партијата околу политичките случувања во врска со наредните претседателски и парламентарни избори, а втората точка е разгледување на одлуката на Претседателството на партијата од 21 октомври минатата година, околу настапот на партијата на парламентарните избори. Разногласието во Алијанса кулминираше со сериозни инциденти, физички напад врз директорот на Агенцијата за одземен имот, Дритон Небиу и оставен куршум во дворот на домот на Таравари.

Oттука се поставува прашањето што оваа партија би донела во новата влада, со оглед дека според дел од јавноста таа има опозициски наратив и проопозициско настроено члеснство и уште претходно се двоумеше дали да влезе во сегашната актуелна власт со СДСМ и ДУИ. Дел од аналитичарите сметаат дека на претстојните избори, секоја партија ќе биде клучна, па и најмалите без оглед дали ќе бидат во коалиции или не. Новинарот Зоран Иванов оценува дека секој глас ќе има тежина посебно поради фактот на веќе се’ понагласената дифернцијација за неодложно отпочнување на ЕУ преговорите или за чекање подобри времиња за таа цел.

Зоран Иванов

-Згора, пораките на моќниот Вашингтон се многу јасни. Нив барем засега предизборно и од разбирливи и манипулативни причини ги игнорира само ВМРО-ДПМНЕ и некои други помали партии околу кои гравитираат гласачи главно Македонци но и од другите етникуми со исклучок на албанскиот, вели Иванов за „Локално“.

Но, од друга страна, додава тој, партиите за кои се врзуваат гласачи Албанци без исклучок, се на страната на вашингтонските пораки кои притискаат за ЕУ рамката.

-Дополнително, меѓу албанскиот електорат е и дилемата за Рама или за Курти. Вториов како да ја презема иницијативата за главен актуелен политички водач на Албанците во регионов, вклучително и во Македонија, па и оттука, преведено на изборниот терен, тоа би бил натпреварот: од една страна за Ахмети и ДУИ, од друга, за Касами и БЕСА, Гаши и Алтернатива, Таравари и Алијанса, Меџити и Демократско движење и мислам дека токму во овој контекст е значаен расплетот во Алијанса, тврди аналитичарот.

На прашањето дали е намалена поддршката на партијата по влезот во Владата, иако се велеше дека има проопозициски наратив, соговорникот вели дека не може да процени, но порачува да не се заборави фијаското на Алијанса во Тетово на последните локални избори.

-Во кризни времиња не е популарно да си во власт и тука Алијанса направи лоша проценка и мислам дека доколку за мајските избори не влезе во предизборна коалиција во еден од двата блока, брзо ќе заврши како ДПА на Тачи, нагласува Иванов.

Политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ смета дека расколот во партијата АА влијае така што воопшто не влијае.

-Сакам да кажам дека очигледно во таа партија во моментот се случува внатрепартиска битка за превласт измеѓу крилото на Села и крилото на Таравари, како што се случува, впрочем, повремено и во секоја партиска формација. Такви се тие едноќелијски организми. За мој вкус досадно, бидејќи освен персонални кавги, закани и фрагментации, ништо добро нема да им донесе на нашите сограѓани Албанци, оценува тој во разговор за „Локално“.

Ненад Јовановиќ

Јовановиќ сепак нема одговор дали поддршката на АА и Таравари, како актуелен пртседател му се намалува, како што вели дека не знае колкава е поддршката на Села како поранешен претседател на таа партија.

-Она кое го знам е на две нивоа, првото: Села ќе беше за малку убиен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, тоа не смееме да го заборавиме, а денес, Таравари извршува централна власт. Така што, многу е шашава нивната позиција, конфузна и неодредена. Ќе мора самите јасно да одлучат што сакаат. Ако сакаат коалиција со СДСМ, ако сакаат коалиција со Европскиот блок, сигурен сум дека се добредојдени, верувам дека ќе бидат уважувани и нивниот збор ќе се слуша; ако, пак, се мазохисти или се под влијанија од некои меѓународни играчи, или пак регионални играчи кои работат Северна Македонија да остане надвор од Европскиот пат, тогаш морам јасно да потенцирам дека тоа е губитничка позиција. Ама сепак верувам дека Села и Таравари не се наивни, сепак се тоа луѓе кои го разбираат регионалниот контекст и верувам дека ќе одлучат мудро, тврди Јовановиќ.

Според него, секоја политичка партија е важна, некоја со еден, некоја со пет, а некоја со педесет и пет пратеници.

-Ако веруваме во парламентарна демократија, а тоа значи дека веруваме во суверенитетот на граѓаните, тогаш многу е потценувачки коментарот на тие “некои аналитичари” кои велат АА нема да има ниту пет пратеници. Небаре зборуваме за пет зелки или пет маслинки, а не за граѓани кои својот суверенитет го предаваат на пратениците, за овие, пак да ги штитат и бранат во најголемиот законодавен дом, а тоа е Собранието на Република Северна Македонија, заклучува соговорникот.

Н.П.

Слични содржини