Алијанса пред дилема: „Дали ќе го испрати ДУИ во опозиција по 20 години или ќе ја зајакне про-европската коалиција?“

од Nikola Popovski
402 прегледи

Партиите се поделија во два блокови– на едната страна се владеачките СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците кои се уште не појаснуваат децидно дали би настапиле заедно во т.н. „проевропска коалиција“. На другата страна се здружената албанска опозиција кои се обединија во Европски сојуз за промени и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која настапува самостојно. Алијанса на Албанците е на раскрсница како ќе настапи на парламентарните и претседателски избори. Според претседателот на АА, Арбен Таравари, членството на партијата е против коалицирање со ДУИ. Од друга страна, вели дека е добро за СДСМ доколку формира своја кампања со останатите помали македонски партии и партии на другите националности кои се за европскиот пат. Смета дека може само да ѝ се наштети на партијата од „Бихаќка“ доколку настапи заедно со ДУИ и неговата партија.

Секој со својата математика

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека реално се добри шансите за европската коалиција да се здружи и оценува дека Алијанса може во одредени изборни единици да оди заедно со СДСМ, не мора да значи во сите шест.

-Доколку СДСМ настапи сама на изборите, ќе си добијат гласови колку што ќе заслужат. Зависи како ќе одработат наредниот период. Гледаме дека последните 2-3 недели некако се во залет. Нема гаранција за избори – една работа може да ви додаде или да ви одземе многу, порачува Муслиу за „Локално“.

Алберт Муслиу

Дециден е дека СДСМ ако направат добра кампања, ќе добијат повеќе отколку ако направат лоша кампања. Зависи колку ќе добијат нивните потенцијални партнери.

-Изборите не се прават за мерење, туку за да формираат власт, а власта зависи од бројката. Нашиот изборен модел е интересен. Шест гласови можат да одредат 12 разлика. Како ќе се организираат и колку ќе ја прошират палетата, сето тоа зависи што ќе покажат. Анкетите не се верифициран резултат, ако беше така немаше да имаме избори, туку ќе се спроведуваа постојано анкети и ќе ги распоредеа пратеници, објаснува соговорникот.

Наведува дека Албанците се свесни за бројките и ако има кандидат Албанец за претседател може да биде само во првиот круг, но и тоа беше дискутабилно во интервјуата и ставовите на ДУИ, Алијанса и ДПА.

-Албанската опозиција може да излезе со свој кандидат и тоа е малку трик. Ако на пример од една страна владеачката коалиција излезе со консенсуален кандидат, а здружената албанска опозиција со друг кандидат. Прво, треба да се погоди кандидатот, а потоа добро да соработуваат за да не дојде до фијаско во првиот круг, што ќе се рефлектира и на парламентарните избори. Во политика нема гаранција за ништо. Не верувам дека сега би излегле со консензуален кандидат Албанец за претседател, но не е исклучено во иднина да се случи такво нешто, посочува аналитичарот.

„Тешко е за АА да биде заедно со ДУИ на изборите“

-Тешко ќе помине ПР-от за ДУИ како носител на европската идеја кај албанските гласачи, колку и да кампањата и ПР-от се обидуваат на тој начин да ја постават равенката за следните избори, порачува политичкиот аналитичар Бесим Небиу за „Локално“. Според него, затоа е мошне тешко за една партија како Алијанса која 8 години се поставува како опозиција и алтернатива на ДУИ- сега во име на про-европејство да оди со ДУИ во коалиција.

Бесим Небиу

-Нема гласач Албанец кој ја поистоветува идејата на европејството со политичката партија ДУИ, дури ни кај самите гласачи на ДУИ, смета Небиу.

Нагласува дека доколку АА се придружи кон албанската здружена опозиција скоро извесно би добила повеќе гласови од ДУИ и би ѝ го нанела првиот изборен пораз од нејзиното формирање во 2002 година.

-Мислам дека не е во прашање испирање на Таравари, туку на политичка калкулација дали сака да ја испрати ДУИ во опозиција, за прв пат по 20 години, и со тоа целосно да и тектонски да се ресетира политичката сцена во албанскиот политички блок, порачува соговорникот.

Во однос на тоа каде СДСМ би се нашол во ваква ситуација, аналитичарот посочува дека СДСМ е извесно во дефанзива и политичка и организациска, но и идеолошка.

-На следните избори мислам дека таа има повеќе потреба од партнерство со ДУИ, отколку обратно, истакнува Небиу.

Таравари им порача СДСМ да ги собере сите проевропски македонски партии и на помалите етнички заедници и да си направи своја кампања, на што соговорникот вели дека можна е таквата коалиција, но не е сигурен колку во моментот има ентузијазам за коалицирање со СДСМ на следните избори.

-Па дури и кај сите проевропски партии од македонскиот блок. Кај партиите на помалите заедници, по традиција тиа се приклучуваат онаму каде ќе насетат дека ќе биде победникот, анализира Небиу, додавајќи дека албанската опозиција ќе излезе со свој кандидат за претседател, додека ДУИ ќе го подржи кандидатот на СДСМ.

Во просториите на општина Гостивар вчера се одржала средба меѓу Таравари и претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тема на разговор била можната коалиција на двете албански политички партии, кои се дел од Владата на претстојните парламентарни избори.

Ахмети по средбата изјавил дека сите опции се отворени и оти повторно ќе иамат средба.

-Сме разговарале, опциите се отворени, беше многу пријателски разговор, повторно ќе се сретнеме. Ќе видиме, ќе разговараме за опциите, визијата, настаните. Во рамките на оценките што ќе ги дадат раководните органи во нашите партии, ќе донесеме одлука како и за која опција ќе се одредиме, рекол Ахмети.

Н.П.

Слични содржини