Алиу: Онколошка амбулантска терапија наскоро и во Тетово, Битола, Штип и ГОБ „8 Септември“

Најверојатно следната недела ќе биде отворен и Онколошкиот центар во ГОБ „8 Септември“, каде што исто така ќе започне примената на терапии.

од desk2
5 прегледи

Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека онколошките амбулантски терапии веќе се дисперзирани и наскоро ќе започне нивната примена во болниците во Тетово, Битола, Штип и во ГОБ „8 Септември“ -Скопје. Целта е да се децентрализира третманот на онколошките пациенти, кој досега беше ограничен само на Клиничкиот центар во Скопје.

Алиу објасни дека првата фаза на дисперзијата започнува во овие центри, бидејќи таму веќе работат онколози.

Експерти од Клиничкиот центар во Скопје ќе им помагаат на локалните тимови, со тоа што еднаш неделно ќе ги посетуваат болниците.

Најверојатно следната недела ќе биде отворен и Онколошкиот центар во ГОБ „8 Септември“, каде што исто така ќе започне примената на терапии.

„Се работи за пациенти и многу сме претпазливи, бидејќи освен што таа процедура е сензитивна, мора да бидеме претпазливи да знаеме дека чекорот што го правиме напред е чекор што е анализиран и е сигурен за сите пациенти“, рече Алиу.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, рече дека првиот чекор кон децентрализација на онколошката терапија веќе е направен преку позитивната листа, а многу набргу ќе следува и вториот чекор, со дисперзија на биолошката терапија.

Слични содржини