Алкалоид слави европска титула: ЕХФ донесе конечна одлука за финалето со АЕК

од Nikola Popovski
51 прегледи

Ракометниот суд при ЕХФ ја донесе својата конечна одлука во врска со откажувањето на реваншот од финалето на Европскиот куп за мажи за сезоната 2024/25 помеѓу РК Алкалоид и РК АЕК Атина, првично закажан за 25 мај 2025 година во Скопјe. Ракометниот суд утврдил дека АЕК бил должен да учествува во закажаниот натпревар. Со одбивањето да го стори тоа, клубот ги прекршил релевантните прописи на ЕХФ и затоа се смета за одговорен.

-Резултатот од реваншот од финалниот натпревар е регистриран со службена победа од 10:0 за домаќините. Првиот натпревар заврши со победа на РК Алкалоид од 29:25. Оттаму Алкалоид е победник на Европскиот куп. Секоја жалба против овие одлуки нема да има суспензивно дејство.

Одлуката што се разгледа само ги опфаќа аспектите на случајот поврзани со натпреварувањето. Посебни дисциплински постапки во врска со одбивањето да се игра натпреварот, поврзаните штети и распределбата на билетите сè уште се во тек. РК АЕК Атина може да поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена, стои во одлуката на ЕХФ.

Колку за потсетување, гостите од Атина одбија да излезат на теренот во „Борис Трајковски“ затоа што немаа навивачи во салата. Комисијата при ЕХФ отвори правна постапка и побара докази од двата тима, од домаќинот се бара образложение зошто не дозволил 10 отсто навивачи на АЕК во салата, додека од гостинот – зошто играчите не излегле на теренот.

Алкалоид ги приложи своите факти и докази кон ЕХФ, а уште пред мечот беше јасно посочено и приложено на состанокот за безбедност пред мечот, дека одлуката АЕК да се ограничи на 200 гостински навивачи е донесена по препорака на државните власти. Имено, Министерството за внатрешни работи ја донесе одлуката за ограничување на бројот на навивачи на гостинскиот тим, одлука која предизвика реакција од дел од грчката јавност, но според правните и безбедносни стандарди, оваа мерка е сосема легитимна и оправдана. АЕК бараа 650 карти за мечот односно 10% од вкупниот капацитет.

Слични содржини