Партијата Алтернатива денеска изнесе низа критики за најавениот предлог буџет за 2024 годиба. Според нив, тој ќе биде „најголемиот напумпан буџет досега и истовремено е нереален, неостварлив и целосно изборен“.
-Зачудувачки како за иронија се намалува буџетот на АГЕНЦИЈА ЗА МЛАДИ И СПОРТ, во време кога младите масовно бегаат од нашата држава, се крати буџетот на МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ, иако сме меѓу најзагадените земји во светот, се намалуваат средствата на АГЕНЦИЈАТА ЗА ПРИМЕНА НА ЈАЗИКОТ, институција од која се очекува имплементација на Законот за албански јазик, се намалуваат средствата на МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА, кога довербата во судството е само 3%, се намалува буџетот на МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА, институција од која што зависи децентрализацијата и од која се очекува зајакнување на албанските општини, се намалува буџетот на ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ТЕХНОЛОШКИ ИНДУСТРИСКИ РАЗВОЈНИ ЗОНИ од каде што очекуваме развој и нови инвестиции во регионите со албанско мнозинство. А кога е во прашање буџетот на ЛОТАРИЈА НА МАКЕДОНИЈА, може да замислите, растот нема крај, посочуваат од Алтернатива.
Што се однесува до најновиот пакет антикризни мерки, од партијата велат дека е „еклатантно купување на гласови со државни ресурси“.
-Овие антикризни мерки се бледа копија на мерките што ги презеде владата на Вучиќ пред некое време во Србија. Најпогодените категории каде што спаѓаат корисниците на социјална помош, пензионерите, студентите, приватниот сектор, имаат потреба за одржливо решение, а не за вашата милостина до денот на изборите, велат од партијата на Африм Гаши, додавајќи дека активно ќе учествуваат во амандманската расправа и ќе се обидат со конкретни предлози за да ги подобрат нештата во интерес на граѓаните.
-На граѓаните им ветуваме дека овие одлуки ќе бидат последните штетни одлуки што ги донесува оваа корумпирана власт, затоа што деновите им се одбројани, стои во партиското соопштение.