Алтернатива бара вакцинација на попишувачите: Тоа е неминовна потреба

од Nikola Popovski
521 прегледи

„Имајќи ја предвид неспособноста на Владата да управува со Ковид-19, сметаме дека итна вакцинација на попишувалите и сите оние кои учествуваат во овој процес на попис е неминовна потреба“, реагираат од опозициската Алтернатива.

Од таму соопштија дека барале да се почитуваат препораките на ООН, според кои во време на пандемија не смее да се спроведува попис.

„Оваa Влада не сакаше да ја слуша ниту ООН, ниту опозицијата, туку на своја глава влезе во процес, кој од почетокот се докажува дека носи висок ризик за заразување на граѓаните, без разлика дали се попишувачи или попишани. Како и да е, попис како процес веќе е започнат и враќање назад нема. Додека не е предоцна, ја повикуваме Владата да го прифати нашиот предлог и да не игра со судбината и здравјето на граѓаните“, стои во партиското соопштение.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски пред неколку дена соопшти дека вкупно четворица инструктори за пописот на населението се заразени со Ковид-19.

„Има четворица, не се пет заразени инструктори за попишување. Тие се заразени од своите сопружници, но не се заразени од ДЗС“, изјави Симовски според кој ова не претставува пречка да се реализира попишувањето.

Според него, нема пречка да се реализира попишувањето.

„Протоколите за попис се јавно објавени, има различни протоколи за различни ситуации. Имате ситуации со лица во самоизолација, имате позитивни, имате ситуација каде има и заразени и здрави лица. Затоа некаде ќе се носат и скафандери при попишувањето“, рече Симовски.

Слични содржини