Алтернатива, БЕСА и Демократско движење доставија интерпелација за работата на Јовески

од Nikola Popovski
337 прегледи

Група пратеници од партиите АлтернАтивА, БЕСА и Демократско движење доставиле интерпелација за работата на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески.

Велат дека иако Јовески заслужува повеќе интерпелации и отповикување на одговорност, бидејќи не е никаква вест да се каже дека Јавното обвинителство стана едно од министерствата на оваа влада, сепак основната причина за оваа интерпелација е кулминацијата на, како што истакнуваат, неговата неконзистентна, нетранспарентна, контроверзна работа и губењето на јавната доверба кон институцијата Јавно обвинителство што се случи со судскиот предмет за пожарот на модуларната болница во Тетово, каде трагично загинаа 14 лица.

Сметаат дека улогата на јавниот обвинител во овој случај стана предмет на сомнеж и за тоа е потребна одговорност и јавно објаснување.

Оваа интерпелација има за цел во јавна собраниска расправа да ги покрене сериозните сомнежи дека Јавното обвинителство криел факти и информации во текот на целата постапка за да заштити на тој начин некои политичари и членови на бизнис елитите, кои биле вклучени во изградбата на модуларните болници кои беа предмет на оваа трагедија, велат од трите партии.

Во изјава од собранието, претставници на партиите посочуваат дека за информација на јавноста и потсетување на претседателот на Собранието, врз основа на Деловникот на Собранието на РСМ, поточно член 47 од истиот, претседателот на Собранието е должен во рок од 15 дена од доставувањето на интерпелацијата, да ја стави на дневен ред на следната прва пленарна седница.

Оттука, ние очекуваме претседателот на Собранието да го почитува Деловникот на Собранието, а останатиот дел е да се соочиме со аргументи со Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, за тоа како се случило 14 лица да изгорат во болница и да не се бара одговорност од претпријатието што ја изградил модуларната болница, од изведувачот на јавната набавка, потоа да објасни зошто не бил земен предвид извештајот на германската форензика и зошто е изземен обвинителот кој првично беше одреден за тој предмет. Нашето барање е јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, да се појави во Собрание и пред народот и да ја објасни својата улога во овој случај, имајќи ги предвид сите обвинувања наведени во врска со неговата работа. Нам ни преостанува да очекуваме претседателот на Собранието, Талат Џафери, да биде сега на чело на својата должност и во интерес на граѓаните, стои во соопштението на партиите на Гаши, Касами и Меџити.

Слични содржини