Алтернатива: Корупцијата на ДУИ не е само Мерко, туку и Ахмети-Соравија

од Nikola Popovski
534 прегледи

По вчерашното соопштение на ДУИ дека го замрзнале членството на струшкиот градоначалник и член на партијата, Рамиз Мерко и дека случајот е во рацете на институциите, од опозициската Алтернатива велат дека е „новото лицемерие на оваа партија“.

-Да се остави овој случај во рацете на т.н. институции и никој да не преземе политичка одговорност, ова е крај. Да имавме ние достоинствени институции, кои функционираат, немаше потреба САД да ни прават список на корумпирани политичари. Ако за овој голем срам за државата, која тежнее кон евроинтеграции, ДУИ се задоволува со слаба реакција и оправдувања од двојката Ахмети-Груби, преку нивниот портпарол Бујар Османи, ова е доказ дека за ДУИ од овој формат нема политички спас. Едноставно тие се целосно одлепени од реалноста и ја поимаат државата и нејзините органи како приватни чекмеџиња за лично богатење. Всушност не треба Рамиз Мерко да го замрзне членството во партиското раководство туку треба цело ДУИ да се замрзне и да се отстрани од власта. Нека одговори Бујар Османи колку Рамиз Мерковци има во моментот на функции во извршната и законодавната власт? Како се случи токму внукот на Али Ахмети, да има доволно пари за да го купи најексклузивниот трговски центар во Скопје, СОРАВИЈА? Го следел ли примерот на Артан Груби, чиј брат пред извесно време беше украсен со простории во стариот трговски центар?! Ако претходно ги имавме Груевски и фамилијата на власт, сега ги имаме Ахмети и фамилијата! Додека младите Албанци секојдневно бегаат по неповратниот пат на иселување, овие луѓе само го зголемуваат својот капитал, остварен со политичко влијание и злоупотреба на власта, соопштија од партијата на Африм Гаши.

Од партијата која до неодамна беше дел од власта, додаваат дека „ДУИ на двојката Ахмети-Груби ќе ја плати сметката за понижувањето кон Албанците на следните избори“.

-ДУИ ќе оди во опозиција, каде може и да се реформира, додека Албанците ќе дишат слободно и државата ќе преземе сериозни чекори за интеграција во Европската Унија, се вели во реакцијата на Алтернатива.

Слични содржини