Вечерва централното раководство на Алтернатива одржува состанок, откако денеска пратеникот од партијата, Скендер Реџепи изјави дека нема да гласа недоверба на владата во четврток, ако на списокот бидат и пратениците на Левица.
– Со оглед на тоа дека имаме време до четврток, дискусиите во партијата ќе продолжат и утре и најдоцна до среда ќе имаме конкретен став како ќе настапат нашите пратеници. Меѓутоа, едно сигурно можам да кажам – каква било одлука и да имиме тоа ќе се почитува од сите пратеници од Алтернатива, изјави портпаролот на Алтернатива Орхан Муртезани.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши во петокот изјави дека имале иницијатива за собирање потписи за интерпелација на Владата.
-Ако се изгласа недоверба, почнуваат други рокови и тогаш почнува процесот за мандатар. Алтернатива нема да биде дел од Влада, која се повлекла од евроатлантските процеси. Вечерва не стана збор за влада или предвремени избори. Нема договор. Се собравме за да докажеме дека имаме 61 пратеник, рече Гаши.
Покрај Реџепи и Гаши, пратеници од Алтенатива се и Сафије Садики-Шаини и Хусни Исмаили.