„Извештајот на Стејт Департментот на САД го нотира тоа што сите го знаеме. Политичката корупција е навлезена во сите пори на системот и на овој дефект мора да му се застане на патот, сега и веднаш!“, соопштија денеска од Алтернатива
„Нашата цел е да изградиме Уставен механизам кој ќе ги адресира сите избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт, кои со незаконски обавување на службена положба стекнале противправна имотна корист.
Политиката не смее повеќе да биде најпрофитабилен бизнис! Или ќе им служиме на граѓаните и државата во вистинска смисла на зборот или ќе станеме земја на духови. Сите млади ќе заминат и на крај памет нема да им текне да се вратат.
Затоа, Алтернатива е единствената политичка партија која како дел од власта излезе со свој предлог за измени на Уставот кој сме силно убедени дека треба да ги обедини сите политички партии во Северна Македонија. Уставен амандман кој ќе ја приближи Северна Македонија огромен чекор напред во ЕУ интеграцијата.
Во широка консултација со правните тимови на Алтернатива, користејќи компаративна пракса излеговме со изготвен предлог текст за Уставен амандман, за кој повикавме на широка јавна дебата со Уставни експерти и другите политички партии“, посочуваат оттаму.
Според предлогот на Алтернатива, Законите можат да имаат повратно дејство и во случаите поврзани со застарување на кривичната одговорност за сторени злоупотреби од страна на избрани и именувани лица при практикување на јавни овластувања со кои е причинета штета на јавните фондови, буџетските средства на централно и локално ниво и со таквите злоупотреби е стекната противправна имотна корист.
Со овој Амaндман се дополнува членот 52 од Уставот на Република Македонија. Овој амaндман ќе биде ст.5, ќе следи по ст.4 кој предвидува дека: „законите и другите прописи не можат да имат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.“
Предложениот амандман ќе биде основ и ќе отвори можност со измени и дополнување со нов член 112-а во КЗ да се предвиди одредба со која евентуалните кривични дела сторени од избрани и именувани лица кои се категоризирани како кривични дела против службената должност, никогаш да не застаруваат. Ова подразбира и проширување на опфатот на конфискација на противправно стекнат имот впишан на трети лица.
Со овој амандман ќе се даде Уставен основ за ревизија на сите правосудни постапки за поранешни или сегашни избрани и именувани лица, кои се прекинати заради застареност на евентуалната кривична одговорност.
Со овој амaндман, впрочем ќе се излезе во пресрет на барањата на граѓаните за обезбедување на владеење на правото, правна сигурност и еднаквост пред законите и правосудните постапки за сите избрани и именувани лица кои на предлог на политичките партии кои извршувале или извршуваат функции во законодавната, извршната и локалната власт, а кои го злоупотребуваат своето влијание и вршат притисоци да ги пролонгираат постапките против нив додека истите не застарат.
„Сметаме дека борбата против корупција и потребата на искоренување на страшно лошите навики за политичка корупција и избегнување на правдата со обиди за влијание врз правосудството, е рак – рана на нашето општество и ја прави политиката најомразена професија. Ние сме генерација на политичари кои мора да работиме на враќање на довербата и надежта дека се можни промени на подобро. За разлика од нашата директна политичка конкуренција која е заглавена во минатото, Алтернатива е партија на иднината!“, додаваат од партијата.