Германскиот министер за економија Питер Алтмајер, кој денес е во посета на Белград, смета дека од интерес на Германија, како и на Европската Унија е што побрзо да започнат преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија.
Тој во интервју за германскиот весник „Билд“ вели дека е разочаран од исходот на Самитот на ЕУ во Брисел.
„Во наш интерес е да ги почнеме преговорите со Северна Македонија и Албанија, признавајќи ги нивните големи напори за демократија и стабилност. Пристапните преговори со двете земји треба да почнат што е можно побрзо“, изјави Алмајер, кој додаде дека важно во пристапниот процес е продолжување на помирувањето меѓу балканските земји и засилување на регионалната соработка, како и дека Германија ги охрабрува овие теми во рамките на Берлинскиот процес.
„Во иднина, процесот на проширување на ЕУ ќе биде уште повеќе ориентиран кон вистински напредок во областа на криминалот и корупцијата“, рече Алтмајер.