Се огласија и од СДСМ по гласањето на Македонија на вчерашните две резолуции во ОН за војната во Украина. Сметаат дека гласањето „воздржан“ укажува на целосен аматеризам во воедењето на надворешната политика на земјата. Според СДСМ, со само еден потег, Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД.
-Ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ: Русија е агресор и изврши неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина која е суверена и независна држава. Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската унија, велат од „Бихаќка“ и додаваат дека премиерот Христијан Мицкоски ја води меѓународната политика без поширока координација и консултации на важни прашања и прави огромни грешки. Неприфатливо е одлуки кои се од стратешко значење за иднината на земјата да се носат избрзано и своеволно. Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери.
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), вчера, на третата годишнина од руско-украинската војна, ја усвои резолуција подготвена од Киев, чии спонзори беа земјите членки на ЕУ, со која се повикува на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и се осудува руската агресија на земјата. Резолуцијата што ја поднесоа САД, а со која се повикува на ставање крај на војната, но без експлицитно да се спомене руската агресија, беше усвоена, но доби поддршка од помалку земји членки на светската организација. Македонија гласаше воздржано на предлог-резолуцијата поднесена од ЕУ, додека беше коспонзор на документот поднесен од САД.
МНР вчера ја појасни нашата позиција за резолуциите во Обединетите нации – оттаму велат, одлуките се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за мир и стратешкиот интерес на Македонија.
-Особено се земени предвид силните заложби на САД за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Русија преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион, објаснуваат од МНР.
Од ресорот велат дека нашето спонзорирање и гласање за резолуциите не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции на Македонија, која ја поддржува Украина и нејзините напори за целосна заштита на територијалниот интегритет и суверенитет, и ја осудува руската агресија.